Вчерашната експлозија на такси возило пред Женската болница во Ливерпул е означена како терористички чин, објави полицијата. Автомобилот експлодираше и изгоре во близина на влезот во болницата, при што загина патникот, а возачот беше повреден.
Локалниот возач именуван како Дејвид Пери беше прогласен за херој од градоначалничката Џоен Андерсон, зашто го заклучил осомничениот во возилото. Во врска со нападот се уапсени четири лица на возраст од 20 до 29 години, за кои се верува дека биле соработници на загинатиот.
Шефот на противтерористичката полиција на округот Норт Вест, Рас Џексон, кажа дека патникот веројатно носел импровизирана експлозивна направа, додавајќи дека негов идентитет е познат, но засега нема да се открива во интерес на истрагата.
„Неговите мотиви допрва треба да ги разбереме. Тој влегол во таксито на десет минути од болницата, а експлозијата се случи во самото возило. Неверојатно е како возачот успеал да избега“, изјави Џексон.
Возачот е отпуштен од болницата откако му биле санирани повредите.
„Таксистот спречи нешто што можеше да биде ужасна трагедија. Тој ја заклучил вратата од таксито за да не може напаѓачот да излезе“, изјави Андерсон.