1. Туроператорите од Високиот комесаријат за бегалци имаат право кога се стаписуваат што во бегалските кампови низ Македонија нема тениски игралишта. Туристичката сезона на хуманитарците фаќа залет, а ние по навика туристите ги пречекуваме неподготвени. Македонија е престижно место за хуманитарен туризам. Нема кој не би сакал да дојде, да ги посети камповите за бегалци. Сите сакаат да се пофалат дека ги виделе камповите на косовските бегалци. Доаѓаат од целиот свет, се сликаат, снимаат со камери, разговараат со домородците, играат фудбал со децата и потоа си одат дома да се пофалат колку се хумани.
За подобра организација на хуманитарниот туризам, Македонија треба да ја најми госпоѓата Садако Огата. Таа ќе ни работи како туристички водич. Наместо да ѝ се лутиме што се јавувала да ургира сите бегалци да ни останат тука, треба да го искористиме нејзиното искуство. Таа мисли на нашиот туризам. Што ќе се случи, ако бегалците одат во Западна Европа или во САД. Хуманитарците ќе мораат да останат во своите земји и таму ќе треба да го испитуваат квалитетот на мастилото на печатите со кои ги обележуваат, топлината на водата во базените, или цврстината на почвата на тениските терени.
Затоа, не ги пуштаме бегалците да си одат. Ќе развиваме хуманитарен туризам. Ќе објавуваме реклами по странските весници. “Сакате авантура и неизвесност? – Повелете во Блаце, тоа е вистинско место за вас!” Или, “За немирните духови кои уживаат во ноќен живот и турканици, вашиот избор е Стенковец!”. “За романтични души кои сакаат тивок и мирен одмор – Бразда”. А Радуша ќе се рекламира за оние кои сакаат луксуз и комфор.
2. Зошто НАТО прво нé остави да грешиме во третманот на бегалците, а дури потоа покажа како треба да се решава нивниот проблем. Нé посрамотија пред светот со сликите од Блаце, за џабе. Тие го решаваат проблемот уште пред бегалците да се појават на граница. Две бомби во колоната и – завршена работа.
А ние тука ги малтретираме луѓето. Те морало сите да се евидентираат, те немале пасоши, а имале мобилни телефони, те полицијата брутално ги тепала, те умирале, те се пораѓале… Крајно нехумано. И комплицирано.
НАТО не ги комплицира работите. Тие ниту ги мачат, ниту ги малтретираат бегалците. А богами, не ги ни евидентираат. Тие имаат хумани методи. НАТО има конечно решение за проблемот.
3. Бидејќи во Македонија веќе има 140 илјади Албанци од Косово, и бидејќи тие се малтретирани, некој ќе мора да ги брани. Затоа, сосема легитимна е потребата косовските Албанци во Македонија да ги брани ОВК. И затоа не треба да се дига паника околу прашањето дали во Македонија има ОВК. Мора да има.
Ако ОВК пукне со две пушки, некој ќе мора да им врати. Ако им врати – ОВК ќе му се пожали на НАТО дека Албанците во Македонија се малтретирани. Хуманитарните туристи ќе зборуваат за човекови права. Ќе пукнат уште две пушки и некој ќе прогласи Илирида. Тоа не треба да нé загрижува, бидејќи албанскиот премиер Пандели Мајко вели дека голема Албанија е процес што тече. Сé тече, сé се менува, па и границите. И после доаѓаат бугарските тенкови бојосани со македонска боја да го сопрат процесот што тече. Хуманитарните туристи го дигаат гласот во одбрана на двете пушки. И доаѓа НАТО со своите авиони.
4. Ние сме веќе подготвени за бомбардирање. И онака, од жал за Србија, во знак на солидарност и ние би примиле неколку “томахавки”. Не ги носиме џабе метите што на прес-конференција ги дели југословенскиот амбасадор.
Најдобро е со тие мети да се одбележат фабриките на нашите социјалистички стопанственици. Ако веќе НАТО треба да нé бомбардира, тогаш прво нека ја срамни со земја Стопанската комора и нека ги избира фабриките на директорите што, откако се осамостоивме плачат заедно со Душан Петревски за “комплементарните” колеги од Србија. Како само нашето стопанство беше врзано со српското, а хрватското и словенечкото не беше? Или, на нашите директори, за разлика од хрватските и словенечките, и по десет години самостојност најмногу им одговараа деловните врски со “печени прасиќи” во Врање и во Лесковац.
Сиромашките македонски стопанственици. Плачеа за време на санкциите, плачат и сега, ама не се откажуваат од “прасиќи”. Само со бомбардирање, НАТО може да ги спаси успешните македонски директори од 10-годишните маки во самостојна Македонија.
Смешен е стравот дека Милошевиќ, за одмазда, ќе ја бомбардирал Македонија. Попрвин, оправдување за бомбардирање ќе пронајде НАТО, без да се вади на грешки на пилотите. Бидејќи македонското стопанство било комплемантарно со она на Милошевиќ, НАТО нема ни да ја види разликата. Нема да отстапи од генералната ориентација да го уништува српското стопанство.
5. Наместо македонските свештеници да се молат за спас на православните браќа во Србија, нека се помолат барем еднаш Српската православна црква да ѝ ја признае автокефалноста на Македонската православна црква.