Граѓаните на Валандово ќе можат да го селектираат отпадот и да добиваат парични награди. Валандовчаните кои сакаат да селектираат отпад треба да се регистрираат преку мобилната апликација на ЈП Комунален сервис Валандово, која ја изработи Марио Томов, и ќе добиваат ќеси за пластика или хартија со бар кодови. Преку апликацијата треба да ги скенираат кога ќе бидат полни, за да бидат подигнати. Ако домаќинството правилно го селектира отпадот во ќесите, ќе добива по 35 поени, а оние кои ќе достават најмногу селектиран отпад може да добијат парични награди и до 2.000 денари.
„Процесот на селектирање отпад е многу лесен и едноставен. Најпрво треба да се симне апликацијата од Плеј стор и Апп стор и да се регистрираат лицата. Добиваат ќеси и кога ќе ги наполнат се закажува термин за предавање на отпадот со скенирање на кју-ар кодот кој е залепен на кесата. Информацијата ја добива комуналното, кое треба да дојде да ја подигне. Кога ќесата пристигнува во предвиденото место за складирање на отпадот, на лицето му се префрлуваат 35 поени за секоја селектирана кеса. Тие поени се собираат на месечно ниво и првите 5 топ селектирачи се наградуваат со парични награди“, вели Томов.
Од валандовското комунално претпријатие потврдуваат дека почна да се реализира иницијативата за селекција на отпадот. Веќе неколку домаќинства подигнале жолти и сини ќеси за селекција на отпад со бар кодови во кои ќе се складира пластика и хартија.
„Со оглед дека идејата е во зародиш, очекуваме интересот да расте. Како комунално претпријатие, направивме распоред на термини за подигање на селектираниот отпад, кој ќе го складираме во посебен простор и во соработка со други компании ќе биде предаден како суровина за рециклирање. Чекаме да видиме колку граѓани ќе се пријават и кој ќе биде интензитетот на полнење на ќесите“, вели Петар Зајков, директор на ЈП Комунален сервис од Валандово.
Целта на мобилната апликација и проектот е зачувување на животната средина, но и заработка од отпадот кој може да се користи како секундарна суровина.
„Селектирањето на отпадот е многу важен процес, бидејќи еднаш смешаниот отпад веќе не може да се рециклира. Со рециклирањето на отпадот решаваме повеќе општестени проблеми, меѓу кои најважен е зачувување на животната средина и природата. Исто така, ова е мал придонес во борбата со глобалното затоплување кој е најголемиот предизвик на денешницата“, вели Томов.
В. ТРАЈКОВ