СЕКСУАЛНИТЕ СОДРЖИНИ НА ДЕВОЈКИТЕ ОД „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“ УШТЕ КРУЖАТ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА ЧЕКА ОД ФЕЈСБУК ДА МУ ГИ ДАДЕ АЈ-ПИ АДРЕСИТЕ

    СЕКСУАЛНИТЕ СОДРЖИНИ НА ДЕВОЈКИТЕ ОД „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“ УШТЕ КРУЖАТ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА ЧЕКА ОД ФЕЈСБУК ДА МУ ГИ ДАДЕ АЈ-ПИ АДРЕСИТЕВо меѓувреме, едната од девојките уште ја вознемируваат, а снимките се кога таа била малолетна, што е казниво со затвор за оној што ги објавува и јавно ги споделува. (Фото: Пекселс)

    Од септември 2020, повеќе од една година, кога со помош на невладината „Маргини“ две гевгеличанки поднесоа кривични пријави против нивното поранешно момче, сограѓанин и сосед, од чии телефон и компјутер излегоа интимни фотографии што ги споделувале со него додека биле во љубовни врски, Обвинителството на Гевгелија уште чека одговор од Фејсбук за ај-пи адресите на тие што ги објавиле и споделиле вознемирувачките фотографии.

    Во меѓувреме, едната од девојките уште ја вознемируваат. Додатно, снимките се кога таа била малолетна, што е казниво со затвор за оној што ги објавува и јавно ги споделува.

    „Од страна на ОЈО Гевгелија е направено сè што е потребно. Жртвите се повикани и сослушани, викнат и сослушан во Обвинителството е и пријавениот, кој негира дека тој ги дал приватните снимки и фотографии за јавно споделување на социјалните мрежи. Но, едно е тој што тврди, на Обвинителството му се потребни докази да утврди дали тој ја зборува вистината. И секако, да утврдиме од чии ај-пи адреси натаму е објавуван и шеруван тој видео и фотоматеријал. За тоа Обвинителството се обрати до централата на Фејсбук и неколку месеци уште чека одговор, односно извештај оттаму“, велат од Јавното обвинителство на Македонија.

    Ова не се единствените девојки од компјутерот на гевгеличанецот кои осамнале во јавност, тврдат тие. Според правниците, случајно или можеби намерно е пропуштена златна шанса уште при пријавувањево во гевгелиската полиција, да се обезбеди веднаш судски налог и да се заплени компјутерот на пријавениот со сиот материјал што го поседува од девојките со кои порано бил во љубовна врска.

    Но, според кажувањето на двете жртви, не само што полицијата не сакала да ги заштити кога пријавиле таму, туку и некои од гевгелиските полицајци и полицајки, ги гледале, ги коментирале и се исмејувале со приватните фотографии на жртвите – нивни сограѓанки. Групата „ГевгелијаХаб“ е специјално направена за неовластено постирање на крадени фотографии на девојки и жени од Југоистокот, како и од нивни профили на социјалните мрежи.

    Објавувачот на фотографиите се шета на слобода и им се смее на девојките в лице.

    САКАМДАКАЖАМ.МК во февруари разговараше со едната од жртвите, кои уште чекаат надлежните органи да реагираат за нивниот случај и да го казнат сторителот и со тоа да направат нешто да се престане со неовластеното постирање и споделување на приватни фотографии и видеа на малолетни и полнолетни девојки на воајерски групи на Интернет.

    „Веднаш откако се појави групата ‘ГевгелијаХаб’ добив скриншот дека моја фотографија е споделена. Во тој момент светот ми се урна на глава. Тоа е фотографијата која настана во мојата претходна врска. Со мојот поранешен партнер имав долга врска и фотката е направена додека сме биле заедно. Не знам кој му бил мотивот на тој човек така да ми наштети, ама верувајте тоа ќе беше пресилен удар за која било жена, особено од помала средина во која секој со секого се знае“, вели младата гевгеличанка.

    Иако во шок, таа собрала сила случајот да го пријави кај надлежните органи.

    „Се соземав по неколку дена. Шокот, тагата и паниката се претворија во гнев и желба за правда. Јас никому не згрешив. Тој сакаше да ми го уништи животот и јас нема да му го дозволам тоа. Решив да одам и да го пријавам во полиција. Во полиција никој не разбираше дека ова е голема повреда, дека не можам да спијам, да јадам, да излегувам надвор заради тоа што ми го направи. Цела Гевгелија гледаше моја фотка, фотки од други девојки и никому не беше гајле за тоа. Полицијата повеќе се бавеше со мене. Ме прашуваше за моите мотиви зошто пријавувам, отколку да ме распраша за можниот сторител“, раскажа едната од девојките во каков пекол живеела и уште трпи малтретирање.

    Кривичната пријава до ОЈО Гевгелија за злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија, е поднесена со помош на адвокатката Наташа Бошкова од невладината Коалиција Маргини.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира