ЏОНСОН ГО НАЗНАЧИ СЕР СТЈУАРТ ПИЧ ЗА СПЕЦИЈАЛЕН ПРЕТСТАВНИК ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

    ЏОНСОН ГО НАЗНАЧИ СЕР СТЈУАРТ ПИЧ ЗА СПЕЦИЈАЛЕН ПРЕТСТАВНИК ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАНКако специјален претставник на премиерот, Пич ќе работи со лидерите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната стабилност. (Фото: Британска амбасада)

    Британскиот премиер Борис Џонсон го назначи сер Стјуарт Пич за Специјален претставник за Западен Балкан, како дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот, соопшти Британската амбасада во Скопје. Пич од 2018 до почетокот на годинава беше претседавач со Воениот комитет на НАТО, а претходно беше началник на Генералштабот на Обединетото Кралство.

    „Како специјален претставник на премиерот, сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, и други претставници од регионот, како и со британските сојузници од САД и Европа за поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговата работа, исто така, ќе вклучува промовирање силни демократски институции и отворени општества, помагање во справувањето со сериозниот и организиран криминал и други заеднички безбедносни предизвици, како и поддршка во решавањето на наследените прашања како што се воените злосторства и исчезнатите лица. Поврзано со последното, Обединетото Кралство, исто така, ќе продолжи да ја предводи работата во врска со унапредувањето на родовата еднаквост и спроведувањето на иницијативата за спречување на сексуалното насилство во конфликтите. Во Босна и Херцеговина (БиХ), ангажманот на Сер Стјуарт ќе биде поддршка на ангажманот на меѓународниот Висок претставник, Кристијан Шмит, кој продолжува да ја има целосната поддршка од Обединетото Кралство. Во Србија и Косово, ќе работи со нашите партнери во поддршка на дијалогот помеѓу Србија и Косово, потпомогнат од ЕУ“, се вели во соопштението од амбасадата.

    Премиерот Борис Џонсон рече дека Западен Балкан ја доживува најголемата закана по неговата стабилност и безбедност во повеќе од две децении, а „големото искуство и експертиза на Сер Стјуарт ќе ги зајакне меѓународните напори за заштита на мирот и промовирањето на евроатланската интеграција во овој клучен регион“.

    Амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија Рејчел Галовеј вели дека во непосредна соработка со британските амбасади во регионот, Пич ќе работи со лидерите од Западен Балкан и со британските сојузници за поддршка и зајакнување на регионалната стабилност.

    „Неговото назначување е силен сигнал на континуираната британска посветеност на зајакнувањето на нашите врски со земјите од Западен Балкан и на безбедноста и просперитетот на овој важен регион“, вели Галовеј.

    За политичката ситуација на Западен Балкан ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига, а ќе биде и на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ливерпул, кој беше најавен неделава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира