Ангела Меркел следната недела ја напушта канцеларската функција на која помина 16 години и по тој повод, синоќа ѝ беше оддадена највисоката воена почест во Берлин, која се претвори во официјално збогување на земјата од канцеларката.
По Хелмут Кол и Герхард Шредер, Меркел е третиот канцелар за кого беше организирана ваква свеченост, наречена Големо повечерје. Таа е проследена и со музиката што ја избира личноста која се испраќа и Меркел малку ја изненади јавноста со својот избор на песни. Покрај црковната химна „Голем Боже, те славиме“ и шлагерот „За мене треба да врнат црвени рози“ од Хилдегард Кнеф, Меркел побара од воениот оркестар да ја изведе песната „Го заборави филмот во боја“ од германската панк икона Нина Хаген, која беше голем хит во Источна Германија во 1974.
Во песната, Хаген ја изразува својата фрустрација откако по враќањето од одмор во популарниот источногермански туристички центар Хидензе сфаќа дека нејзиното момче Михи земало црно-бел филм за фотоапаратот. Песната долго време се сфаќала како критика на сивата и депресивна Источна Германија. Текстот за песната го напишал Курт Демлер, кој се обесил во затвор во 2009 откако бил обвинет за сексуално злоставување на деца.
Хаген, која и самата на Фејсбук призна дека била изненадена од музичкиот избор на Меркел, веќе била голема поп ѕвезда кога пребегна во Западна Германија во средина на 1970-ите. Со Меркел се соочи во ТВ-шоу во 1992, кога ѝ се развика дека ѝ е доста од нејзините лаги и дволичност. Меркел во тоа време го водеше министерството за жени и млади.
Во присуство на претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, 50-ина министри од изминатите 16 години и нејзиниот наследник Олаф Шолц, Меркел го одржа 1.509. говор како канцеларка, кој траеше само седум минути, но кој пленеше со благодарност, понизност и опомени. Таа повика на одбрана на демократијата од омраза, насилство, дезинформации и теории на заговор, критикувајќи ги сите оние кои ги негираат научните сознанија и шират говор на омраза.