ОД 140 УЧЕНИЦИ ВО ИЗОЛАЦИЈА МИНАТИОТ МЕСЕЦ, СЕГА САМО ЕДНА ПАРАЛЕЛКА ВО ДЕЛЧЕВО СЛЕДИ ОНЛАЈН НАСТАВА

    ОД 140 УЧЕНИЦИ ВО ИЗОЛАЦИЈА МИНАТИОТ МЕСЕЦ, СЕГА САМО ЕДНА ПАРАЛЕЛКА ВО ДЕЛЧЕВО СЛЕДИ ОНЛАЈН НАСТАВАВо единственото средно училиште во Делчево, „Методи Митевски-Брицо“, моментално нема заразени ученици (Фото: СДК.МК)

    Поради неколкумина заболени професори и десетина ученици позитивни на ковид-19, над 140 ученици од Делчево минатиот месец беа во домашна изолација и наставата ја следеја онлајн. Најпогодени беа училиштата „Ванчо Прќе“ и „Климент Охридски“, од кои педесетина ученици до четврто одделение и речиси 90 ученици од петто до деветто одделение беа во домашна изолација.

    Оваа недела, епидемиолошката слика во делчевските училишта е подобрена затоа што драстично се намалува бројот на заболени.

    „Во ‘Ванчо Прќе‘ има 31 паралелка со 510 ученици. Претходната и оваа недела на настава со физичко присуство се вратија шест паралелки кои беа во домашна изолација поради двајца професори и деветмина ученици кои имаа позитивен тест. Од 130 ученици колку што беа во изолација, сега само една паралелка со 17 ученици наставата ја следи онлајн. Само двајца ученици се позитивни, но и тие наскоро ќе се вратат во училиште. Имаме училиштен простор од 5.000 квадратни метри, што ни овозможува да спроведеме добри протоколи и наставата да се одвива само во една смена“, вели директорот Горан Велков.

    Нешто подобра е состојбата во соседното ОУ „Климент Охридски“, кое исто така има околу 500 ученици. Поголемиот дел наставата ја следат во зградата на централното училиште во градот, а останатите во петте подрачни училишта.

    „Имавме позитивни случаи, па учениците од две одделенија беа пратени во домашна изолација, која веќе заврши. Со онлајн настава имаме само тројца ученици, чии родители уште пред почетокот на учебната година се изјаснија за таков вид настава“, рече директорот Горан Димитриевски.

    Во единственото средно училиште во Делчево, „Методи Митевски-Брицо“, моментално нема заразени ученици.

    „Минатиот месец имаше 12 ученици во изолација, а оваа недела немаме заболени ученици. Еден професор беше во изолација од превентивни причини зашто неговото дете беше позитивно на ковид-19“, вели директорот Љупчо Прачковски.

    Делчево веќе не е жариште на коронавирусот и трендот на заболени се одржува само кај повозрасната група на граѓани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира