МИКИЌ ИГРА, СИМОНОВ ЈА РЕЖИРА МОНОДРАМАТА „ТОРОНТО ЕКСПРЕС“ ОД СПАСОВ-ЅОФ, ПРЕМИЕРАТА Е НА 15 ДЕКЕМВРИ ВО МНТ

    МИКИЌ ИГРА, СИМОНОВ ЈА РЕЖИРА МОНОДРАМАТА „ТОРОНТО ЕКСПРЕС“ ОД СПАСОВ-ЅОФ, ПРЕМИЕРАТА Е НА 15 ДЕКЕМВРИ ВО МНТМикиќ, Симонов, Спасов-Ѕоф и Бошковски се тимот на претставата „Торонто експрес“. (Фото: К. Попов)

    „Торонто експрес“ е монодрамата со Александар Микиќ, работена по збирката есеи „Тибам штркот“ на Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов, која премиерно ќе се изведе на 15 декември на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ).

    Спасов-Ѕов на денешната прес-конференција рече дека книгата и претставата имаат допирни точки, далеку од тоа дека се идентични, а различни се главните ликови. Претставата има други ликови што не постојат во книгата. Адаптацијата на текстот ја работеа Благоја Бошковски, Микиќ и Симонов.

    Микиќ кажа дека одамна ја читал книгата „Тибам штркот“, уште додека Спасов-Ѕоф бил во Канада. Кога дошол во Скопје му кажал дека сака да ја постави на сцена.

     

    Александар Микиќ го игра ликот на Божо Вампир. – Од денешната проба во МНТ. (Фото: К. Попов)

    „Решивме да се занимаваме со проблемот зошто луѓето си одат од Македонија, односно од целиот Балкан. Што е тоа што ги тера луѓето да побегнат од нашава родна Македонија. Мислам дека со приказната за Канада станува комплетно јасно зошто луѓето ни бегаат“, кажа Микиќ.

    Според Симонов, претставата почнале да ја подготвуваат на 10 јануари 2021 и до премиерата ќе поминат точно 340 дена, но работите се оддолжиле поради голем број околности со ковид пандемијата.

    Костимите се на Роза Трајческа-Ристевска, а сценографијата на Мартин Манев.

    Спасов-Ѕоф најави дека неговата книга „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“, ќе биде промовирана  вечерва во 20 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“ во Скопје. Книгата, како и претходниот роман „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

    „Торонто експрес“ е дополнето издание на литературниот првенец на Ѕоф, „Тибам штркот“. Дизајнот на корицата е на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира