Лина Вертмилер, првата режисерка која беше номинирана за оскар, почина во Рим на 93 години. Освен што е заслужна за револуционаризирање на италијанскиот филм во 1970-ите, таа испиша историја кога во 1977 година беше номинирана за два оскара за „Седум убавини на Пасквалино“, за најдобра режија и за најдобро сценарио.
На Вертмилер, чиј заштитен знак беа очила со бела рамка, во 2019 година ѝ беше доделен оскар за животно дело, кога доби и ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.
„Италија тагува по жената чиј непогрешлив стил остави трајна трага во нашата и во светската кинематографија“, изјави министерот за култура Дарио Франческини.
Родена во Рим во 1928, Вертмилер ја почнала филмската кариера во 1960-ите и во следните децении сними над 20 играни филмови. Беше позната и по комично долгите наслови на своите филмови, од кои „Крвна одмазда“ од 1978 година влезе во Гинисова книга на рекорди како најдолг на сите времиња, со 179 букви во полниот наслов на италијански.