„Нема да си сама“, дебитантскиот долгометражен филм на австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски, ќе има светска премиера во конкуренцијата на фестивалот Санденс што ќе се одржи од 20-30 јануари во Парк Сити, Јута во САД. Ова е австралиски филм на Столевски, снимен во Србија, а играат Номи Рапасе и Сара Климоска.
По сценарио на Столевски, „Нема да си сама“ е приказна за вештерки во 19. век во изолирано планинско село во Македонија, кои по случајно убиство на селанка го земаат нејзиниот лик за да видат како се живее во туѓа кожа.
Столевски на Санденс 2018 победи за најдобар краток филм со „Види ја ти неа“, а лани во првиот рок на Конкурсот на Агенцијата за филм беше поддржан со 21.5 милиони денари (350 илјади евра) за македонското деби „Домаќинство за почетници“ кој уште е во подготовка.
Селекцијата на Санденс 2022 ќе има над 80 играни филмови и документарци, од кои како што велат организаторите, над 40 отсто се дебитанти. Ќе играат новите филмови на оскаровецот Мишел Хазанавичиус, Рамин Бахрами и Лена Данам, режисерските дебија на актерите Џеси Ајсенберг и Еми Пелер, а најочекуван е документарецот за рап ѕвездата Канје Вест.
Во исто време со Санденс на Роберт Редфорд, во Парк Сити се одвива и фестивалот Слемденс, формиран во 1995 од петмина режисери кои не успевале да влезат во селекцијата на Санденс, и тука светска премиера ќе има дебито на Кристијан Ристески „Снежана на крајот умира“.