Во текот на ноќта се откорнати две клупи од пешачката патека над Ленски мост во Битола и фрлени се во реката Драгор. Клупите беа дел од урбаната опрема што Општината ја постави пред две и пол години на дел од булеварот кај чаршијата, претворајќи го тој дел во пешачка зона без возила. Опремата беше поставена за одмор крај Драгор со поглед на старата битолска чаршија.
Битолчани велат дека за вандализирање на околината никој не казнува.
„Замислете, не можете прозорец да промените на објект кој е во ваша сопственост зашто е стар, под заштита и во градско јадро, а никој не контролира, не се поставени ни камери каде што има пешачки зони со урбани опреми, паркови, за да се фатат сторители ако уништуваат. Така е со години во Битола, некој разубавува, други уништуваат. Колку човек треба да не си го сака својот град за да поставува вака“, коментираат жители во чаршијата.
Ова не е првпат да се вандализира јавното добро во градот, но до досега ниту некој е фатен ниту казнет. До пред една година се корнеа клупи во паркот, се уништуваа засадени дрвца. На фасадата на Безистенот, реставрирана пред неколку години, беа испишани чртаници и пароли. На Офицерскиот дом, само што беше пуштен во употреба, некој го оштетеи рефлекторот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА