Масовните поплаки од стотици граѓани што ги контактиравме се главно за згрешени изводи на родени што ги вадат од Управата, има премногу и за згрешени изводи на венчани, но најморбидна е состојбата со згрешените посмртници.
Состојбата и тука е алармантна, зашто има живи сопружници кои и 5 години по смртта на брачниот другар не може да извадат посмртница, или посмртница без згрешени податоци, и со години да не може да остварат пренос на пензија. Како живеат тие сопружници кои претходно немале своја пензија, тие си знаат.
Луѓето што имале проблем со вадење на извод на умрени за родител или друг близок член од семејството, имаат навистина пеколни приказни. Не е само пензијата проблем. Со месеци и со години не може на починатите да им ги одјават сметките во банка, за телефон, па принудени се да ги плаќаат со години. Некаде, додуша и да заглават кај извршител.
Колку треба да е некој неписмен во Управата за водење матични книги, да издаде умреница за починато лице место со неговата адреса, со адреса на роднината што поднел барања за документот по смртта на блискиот?
Катерина од Скопје, чиј татко починал, во Управата за водење матични книги (УВМК) поднела барање за извод на умрени. Кога ѝ го дале, видела дека некој од службениците внел погрешни податоци.
„Место адресата на починатиот, внесена е мојата адреса. Веројатно ја препишале од подносителот на барањето, од мене. Се појави проблем со оставинската постапка поради погрешно внесени податоци. Не можете да мрднете во таа процедура ако имате згрешени основни документи, како што е посмртницата на починатиот сопственик на имотот“, вели Катерина.
Во друг случај, скопјанец се пожали дека згрешеното презиме на татко му на издадената посмртница, на семејството му предизвикало лавина од проблеми, бидејќи по смртта на таткото, не можеле да го одјават институциите; банки, комунални претпријатија, услуги, во судот, во фондот за пензиско осигурување. Невозможно било и да ја поведат оставинската постапка.
На прашањето како сака и како смета дека е најдобро да се издаваат изводи на умрени, тој вели:
„Доволна е и сегашната можност за поднесување барање преку е-услуги, но потребна е коренита промена меѓу вработените во Управата за водење матични книги. Таму треба да работат проверени, описменети, добро упатени и одговорни извршители, кои не може да бидат поткупени. Ова секојдневно се случува, дури јавно е позната и тарифата за брзо земање извод. Изводите може да бидат доставени по пошта на наведената домашна адреса“, бара овој незадоволен граѓанин.
Абдусамет од Дебар за умреница платил преку апликацијата е-услуги.
„Платив онлајн, а посмртницата не може да се подигне. Тоа доцнење предизвика тешки проблеми, не можеме да комплетираме документи за ниту една постапка. Во ред е електронски да се поднесуваат барањата, ама успешно, а не вака како што е“, вели Абдусамет.
Радмила од Скопје вели дека дури извади умреница ја измалтретирале по шалтерите на УВМК до бесвест. Чекала со часови, за на крајот да ја вратат. Постапката кај нотарот поради тоа, заглавила со месеци. Три месеци не можела да оствари никаков приход. Малтретирањето и непрофесионалноста на вработените, вели, не ги пријавила никаде, зашто не знае каде.
Бара целата постапка да биде електронски, брзо и точно, па сама да го испечати документот.
Во друг случај вработените на шалтер, откако ја испогрешиле посмртницата во презимето, убедувале странка дека покојниот можеби бил вонбрачно дете на родителите, а криел.
„Беше издаден извод на умрени за татко ми, кој почина годинава, со згрешено име на неговата мајка, и неговото презиме, кое беше различно од презимето на личната карта. И нормално, со заборавен потпис и печат од овластеното лице. Поднесов барање за корекција, со приложени стари изводи на родени – со точното презиме. Но, иако дури и од УВМК дадоа официјална потврда дека отсекогаш така се презивал, една вработена си даде слобода да објаснува дека можеби бил вонбрачно дете на баба ми и дедо ми и затоа се презивал различно од неговите родители (а тоа секако не е точно), или дека сам некогаш побарал да си го смени презимето, за кое немаа докази“, вели граѓанин од Скопје, кој додава дека поради сето ова, морал да оди во МВР, каде по долго талкање, му дале потврда дека лицето со тој матичен број отсекогаш се водело со соодветното, точно име и презиме.
Шетањето на луѓето од еден град во друг, од една општина во друга, иако базата на податоци треба да е единствена за цела Македонија, е нешто кое граѓаните најмногу ги излудува.
„При изготвувањето на изводот на умрени за мојот татко згрешено беше презимето на мајка ми, па морав да одам наредниот ден да го исправат. Се чека во редици, а по долгото чекање те праќаат за извод на родени од една општина во друга. На пример, ако си роден во државна болница во Скопје, а живееш во населба Ѓорче Петров, треба да одиш таму да извадиш извод. А таму работат до 15 часот. Како да одам до таму, кога јас сум со работно време до 15.30 часот?“, вели скопјанка која бара изводите за умрени да се даваат на шалтер, вели, за една минута.
За Управата во Куманово, за која наведовме повеќе примери од незадоволни кумановци кои таму имале потреба да вадат изводи на родени или на венчани, се пожали дури и штипјанец.
Тој вели дека дедо му од Штип, починал во Куманово. Бескрајно се чекаше одобрението од подрачната единица во Куманово, сподели со САКАМДАКАЖАМ.МК тој.
Ристе од Скопје вели дека податоците за починатиот близок не биле навремено ажурирани, одел безуспешно три пати по умреницата. Ја добил во четвртиот обид, преку пријатели.
Револтиран е што отсуствувал од работа. А потоа, уште долго чекал да ја продолжи постапката во Фондот за пензиско осигурување. Автоматски тоа повлекло пензијата да доцни многу месеци.
Роза платила електронски за да добие посмртница за мајка ѝ, требало да ѝ стигне до дома, со пратка.
„Изводот на умрени за мајка ми е платен електронски уште во мај пред две години и сè уште го немаме добиено. Никој не се јавува на нивните броеви“, уште чека Роза.
А на Јонче од Велес, грешен извод на умрени му го коригирале за 5 дена, но вели дека платил нова такса како за нов извод.
Орљанд од Скопје, кој не е задоволен од услугата на УВМК за издавање посмртница, предлага да се инсталираат апарати за овие лични документи, налик на банкомати и граѓаните никогаш повеќе да не мора да дојдат во контакт со вработените во Управата.
„Држава за да функционира, овие документи неа ѝ се повеќе во интерес, отколку на граѓаните. Ова е работа која се завршува за 5 минути ако се сака. Ако веќе не инсталираат такви ‘банкомати’, барам целата постапка да биде по електронски пат. Електронски или по примерот на нормалните држави, со поставување уреди слични како банкомати за овие услуги“, вели тој.
И Мирјана од Скопје добила грешна посмртница.
„На лице место интервенирав и чекав еден час. Три пати вадеа погрешен извод, секој пат правеа грешка на различно поле. На крај ме убедуваа дека така пишува во книгата, за поле на кое на првиот згрешен примерок беше внесен точен податок. На крај пак добив погрешен извод, дополнителни три погрешни примероци и еден час попусто малтретирање! Поднесов електронски барање, а морав да одам два пати да го земам, два пати да излегувам од работа и да чекам 2 пати по 2 часа!“, кажува Мирјана како ги фатила неписмените службеници дека лажат, несвесни дека во едно од полињата на првиот извод имало точен податок, кој бил згрешен подоцна, во некој од наредните неисправни изводи.
На 26.04.2017 скопјанецот Звонимир добил извод од матична книга на умрени, во кој презимињата на родителите на татко му биле погрешни.
„Ми рекоа да поднесам барање за исправка (Орг.единица 0904, број 502, вредност 250, од 26.04.2017). Неколку пати одев за точен документ, ми рекоа дека некои матични книги се загубиле. Јас немам ниту валиден документ, ниту писмен одговор, пред година дена со e-mail се обратив и до Министерство за правда, но и од таму нема никаков одговор. Сè уште не можам во потполност да ги решам предметите поврзани со наследство“, вели Звонимир кој чека посмртница цели 5 години, и уште ќе чека.
Станка од Струмица за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека од август чека извод за починат член од семејството.
„Пратив мејл и до Министерството за правда, ме упатија во матичната служба. Во меѓувреме се трупаат сметки кои не можеме да ги подмириме без умреницата. Сметки од банка, од телефонскиот оператор, не можеме да ја откажеме пензијата (тие средства треба да ги враќаме), не можеме да почнеме оставинска постапка…милион проблеми!“, во неизвесност е соговорничката.
Благоја од Битола, исто како Звонимир, вели дека татко му е починат веќе пет години, а посмртница не му даваат. Смета дека тоа ќе предизвика камати, извршители, и други трупања на долгови на починатитот родител, а одговорност за тоа нема да сноси никој од административците во битолската Матична служба.
„За малку ќе ја изгубев стипендијата поради неажурноста на УВМК“, вели Анета од Скопје, која за починатиот родител вадела извод на умрени. Таа се жали прво дека се чека предолго, а и кога е готов изводот, дека се издава со технички грешки, по вина на УВКМ. Место грешачите веднаш да ја исправат грешката, повторно мора да поминат неколку дена додека граѓаните го добијат бараниот документ. Покрај опасноста да ја изгуби стипендијата, таа укажува и на изгубени нерви, на пари, време, бензин…
- МЕСТО ОД ТЕТОВО, ИМ ДОШЛЕ МАТИЧАРИ ОД БРВЕНИЦА, КОИ ПОБАРАЛЕ ПАРИ ЗА ТАКСИ, ПА ИМ ЈА УТНАЛЕ ВЕНЧАНИЦАТА
- ЈАС СУМ ТИ ТЕБЕ ШЕФ, ОДГОВАРААТ ВРАБОТЕНИ ВО УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ НА СТРАНКИ АКО ПРАШААТ ЗОШТО НИКОЈ НЕ НОСИ МАСКА
- БЕБЕ ОСТАНА БЕЗ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ 2 ГОДИНИ ОТИ МАТИЧНАТА СЛУЖБА ЈА ЗГРЕШИЛА ВЕНЧАНИЦАТА НА РОДИТЕЛИТЕ
Скопјанката Љиљана, пак, вадејќи посмртница, ги извадила отпамет во Управата со извод на родени од СФР Југославија.
„Прво службеникот не сакаше да прифати извод од матичната книга на родени издаден од друга држава (Кралство Југославија) на којшто оригинал имаше јасен печат кога е заверен документот во СРМ. Ме упатуваа на онлајн барање или во испостава во Ѓорче, каде службеничката очигледно си ја знаеше работата, па им се јавуваше да не ме малтретираат за нешто што е евидентно во компјутер.И после едно две три шетања конечно ми ги примија документите. Но тука не заврши се. Уште едно двапати доаѓав да го подигнам документот и не беше готов но се испостави дека истиот службеник го затурил и не го проследил на обработка. Морам да признаам дека раководителите се ангажираа после поплаките. Имав и случај на барање извод за родени и поучена од претходното искуство пријавив онлајн но како не ми стигаше ни по 3 недели се појавив во службата лично да видам каде е проблемот. Службеникот не сакаше да ме ислуша, тој работел само со готови изводи. И така долги приказни. Мал е образецот. Па во случајот ќе имаше проблем со ПИОМ во навременото одјавување на пензија. А во случај со мојот извод ќе го пропуштев терминот за рочиште на суд. Но најлошо е чекањето на сонце или студ и тоа еве за два документа 5 до 6 пати“, е приказната за патешествието на Љиљана.
С. К. ДЕЛЕВСКА