БЕБЕ ОСТАНА БЕЗ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ 2 ГОДИНИ ОТИ МАТИЧНАТА СЛУЖБА ЈА ЗГРЕШИЛА ВЕНЧАНИЦАТА НА РОДИТЕЛИТЕ

    БЕБЕ ОСТАНА БЕЗ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ 2 ГОДИНИ ОТИ МАТИЧНАТА СЛУЖБА ЈА ЗГРЕШИЛА ВЕНЧАНИЦАТА НА РОДИТЕЛИТЕНајмногу поплаки има од централата на Управата за водење матични книги во Скопје, како и од матичните служби во скопските општини. (Фото: К. Попов)

    Вадењето извод на родени, извод на венчани, како и посмртници од Управата за водење матични книги (УВМК), стана траума за граѓаните и уникатен пример за вадење основни документи кој остава последици по здравјето. Тие губат време и нерви со згрешени имиња и презимиња, адреси, датум на раѓање, погрешен пол и други грешки во документите што ги издава Управата за водење на матични книги, чиј директор од февруари 2018 година е Бујар Дардишта. Се враќаат и над пет пати, плаќаат одново и одново за секоја грешка на вработените во матичните служби, за на крајот пак да добијат згрешен извод, венчаница или посмртница.

    Поради масовното грешење на податоците во овие основни лични документи, банките не можат да чекаат, растат камати на долгови. Делби на имот, оставински постапки стојат, термини за визи за странство пропаѓаат, граѓаните пропуштаат огласи за вработување. Со згрешени изводи банките не даваат кредити, луѓето испуштаат можност да си купат станови по поволни цени, нови коли и други добра, им пропаѓаат зделки.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги регистрираше и ќе ги објави сите проблеми на кои се поплакаа стотици граѓани со кои контактиравме за нивните искуства при вадење лични документи во единиците на Управата за водење матични книги ширум државата.

    Потврда за поплаките на граѓаните е и последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој утврди многу неправилности во работењето на Управата за водење матични книги. Освен финансиски неправилности, Државниот завод за ревизија утврди и дека само во 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.

    Најмногу поплаки има од централата на Управата во Скопје, како и од матичните служби во скопските општини.

    Еда од Скопје електронски побарала да ѝ биде издаден извод од матична книга на родени, со достава до дома.

    „Изводот никогаш не пристигна. Извадив нов во просториите на Управата. По една година ми беше повторно потребен извод од родени. Повторно ја пробав електронската управа. Со проверка на пратката видов дека првонарачаниот извод од минатата година наводно ми бил доставен. Но ниту јас, ниту некој од тие со кои живеам, го примиле. Уште и будали ги прават луѓето. Голема штета ми направија. Јас не можев да ги завршам обврските за запишување на студии. По многу молење на факултетот, од администрацијата ме почекаа да извадам нов извод“, вели оваа девојка.

    Таа не поднела приговор против службениците од Управата, бидејќи не знаела каде да поднесе. Вели дека целата процедура на барање и издавање извод треба да биде електронски. Документот вели да биде електронски, а не физички сертифициран.

    На граѓанин од Скопје кој вадел извод на родени му ги згрешиле податоците за местото на живеење. Чекал повеќе од три месеци за да се направи промена. (Фото: К. Попов)

    Скопјанец кој не се претстави, пак, смета дека бесмислица е потребата институциите постојано да бараат нови изводи и „УВМК толку да се факторизира“.

    „На задната страна од изводите, има печат/клаузула/заверка дека изводот е ТРАЕН документ. За евентуалните измени кај лицата, институциите треба по службен пат да проверуваат, а не да бараат субјектите сами да носат нови изводи“, смета соговорникот.

    Ни тој не е задоволен од услугата при вадење на извод на родени во Скопје.

    Благој, службено лице од Делчево, вели дека вадењето на документи од матичната служба таму е хорор. Не можел да извади извод на родени, 20 пати морал да се јавува во седиштето на Управата во Скопје.

    „Вработените не знаат да објаснат како се пополнува формулар. Не знаат да искуцаат еден обичен документ. Не им работи терминалот за картичка. Не можеш никогаш да ги најдеш на работното место. Јас сум службено лице во Делчево и не ми даваат да вадам лични документи со уредни полномоштва. Во матичната служба има вработено 10 луѓе и ниеден од нив не знае да работи. Досега 20 пати имам ѕвонето во централа во Скопје за да завршам работа. Не знам зошто воопшто имаат вработени кај нас во градот. Подобро да побарам електронски и да си платам достава по карго или да го добијам електронски, а овие да се самораспуштат! Ме прашувате какви последици имам поради неможноста да извадам извод на родени. Мене тоа ми влијае на работата. Ако може електронски да ја добиваме оваа услуга, со писмени луѓе“, вели Благој.

    Панче од Скопје, пак, е малтретиран со извод на венчани.

    „Матичниот број на сопругата фалеше на венчаницата, иако на барањето што го поднесовме ги имаше матичните броеви. Со денови и денови ме шетаа од шалтер на шалтер, од институција во институција, си ја префрлуваа меѓусебно одговорноста за грешката. Не поднесов приговор, не знам каде да се пожалам. Сакам вадењето на овие изводи да биде со едношалтерски систем, само со идентификација со лична карта и усно барање на документот што ми е потребен. Институциите да се поврзат, сами да видат каде е регистриран бракот, а не подносителот на барањето да собира и да носи документи. 21. век е“, вели тој.

    Панче смета дека во УВМК има преголема вработеност, огромна негрижа за странките, непрофесионален однос од вработените, а зборот љубезност не ни знаат што е.

    Брачна двојка од Охрид, венчана уште во 2016 година, не можела да извади извод на новороденчето, зашто тамошната матична служба им го закочила издавањето изводот на венчани. Мајката доцнела со пријавување на породилното отсуство, а доцнело и здравствено осигурување на бебето.

    На едниот од брачна двојка од Скопје во венчаницата му било згрешено презимето. Згрешен бил и бројот заведен во Матичната книга на венчани.

    „Се шокирав кога видов дека после го преправале со обично пенкало и таков испошкртан ни го донесоа на регистрацијата. Го згрешиле и градот при изработката на интернационален извод од Матичната книга на венчани. Документите ги извадивме одново и тоа е тоа. Трчаниците ни беа бонус. Губам време кое и онака го немам. Сакам да поднесувам во иднина електронски, меѓутоа документите да бидат со точни податоци и да ми ги испраќаат навреме по пошта“, ни изјави овој граѓанин.

    „Чекав четири месеци во изводот на родени да внесат дека бракот што е склучен, е разведен. Бидејќи не постои никаква поврзаност помеѓу институциите со која промена на брачната состојба автоматски би се ажурирала и во изводот, морав да однесам копија заверена на нотар за судското решение за развод. Ми кажаа по три дена да поднесам ново барање за извод, во кое ќе биде внесена новата состојба. Поднесов барање после еден месец и секако добив извод со стари, неажурирани податоци. Податоците се ажурираа преку врски, каде што ми беше патем кажано дека со месеци се чека и има еден куп неажурирани промени во изводот на родени. Друга приказна е што ако се нарачаат електронски изводите, службата за достава работи само прва смена. Ви благодарам за укажаната можност да го изнесам мојот проблем со кој се соочував“, вели скопјанка која се измачила на своето долго патешествие за вадење извод во Скопје.

    Данијела од Скопје раскажува дека се шокирала кога видела како од венчаницата ѝ напишале дека нема татко, односно ‘татко: непознат’, кога во изводот на родени, вели ѝ се запишани двајцата родители. И таа се изнамачила да ја исправи грешката, а тоа како и сите оштетени граѓани од неспособноста на Управата, ја чини време, талкање по шалтери по 100 пати и пари.

    Со згрешени изводи банките не даваат кредити, луѓето испуштаат можност да си купат станови по поволни цени, нови коли и други добра, им пропаѓаат зделки. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На граѓанин од Скопје кој вадел извод на родени му ги згрешиле податоците за местото на живеење. Чекал повеќе од три месеци за да се направи промена.

    „На шалтерите во Управата за водење матични книги потребни се професионалци кои ќе си ја познаваат работата и сакаат тоа да го работат. Тоа значи: 1. Добро да си ја познаваат работата, 2. Да не им биде тешко и по неколку пати да им кажат на клиентите што треба, а што не, 3. Работното време од 8 часа да го почитуваат! Премногу лежерно се однесуваат со документи од кои понатака многу работи директно зависат. Треба целокупната постапка да биде дигитализирана, но да има опција и во живо да се добијат сите барања, бидејќи сè уште има луѓе кои немаат компјутери или смарт телефони, односно не можат да се снајдат со е-документацијата. Но барем ќе бидат сами на шалтер, нема ние кои знаеме со компјутер да им правиме гужви, а ни тие нам“, се обидува овој измрцварен граѓанин да го реши проблемот кога државата, односно Управата и нејзиното раководство на чело со директорот Бујар Дардишта тоа не сака да го стори.

    Светлана од Скопје во тамошната Управа поднела барање за извод на родени. Иако ѝ рекле дека ќе биде готов од 7 до 10 работни дена, таа чекала многу долг период, но бадијала.

    „Го добив изводот конечно, со грешка во презимето на еден од родителите. За исправка сега морам јас да одам (не тие), на неколку места: Ѓорче Петров – Центар – назад во Ѓорче Петров. Проблемот не ми е решен сè уште. Не можам да поднесам документи во Министерството за финансии за приватизација на градежно земјиште, каде што рокот е до 31.12.2021 година“, немоќна е Светлана.

    Ни во Битола услугата не е нешто поарна. Битолчанец вели аплицирал електронски за извод на родени и две недели не можел да го добие. Се обраќал во просториите на тамошната матична служба, го добивал истиот одговор на шалтер дека имаат премногу работа.

    „Ми го дадоа дури по 15 дена. И бадијала ми го дадоа, јас веќе задоцнив. Поради доцнењето на Управата, јас не поднесов документи во друга институција во предвидениот рок. Поднесов приговор. Сакам електронски и брзо, истиот ден да ми го изготват и дадат овој основен документ“, револтиран е соговорникот.

    Уште еден од бројните граѓани кои имал потреба од извод на венчани, се жали на неуслужливи вработени во Управата во Скопје. Патем венчаницата место веднаш, ја добил по 3 месеци, и тоа со грешки во личните податоци.

    „Чекав во долги редици за издавање на изводи. По поднесеното барање да ми се издаде венчаница, со платен надоместок, ми велат: ‘системот не го вади’. Тоа значи џабе платени пари. Нема како да дознаеш дали ти е готов документот, зашто нема телефонски број за информации. Службеникот ти вели: ‘доаѓај секој ден’, што значи мораш секој ден да чекаш во ред. Поднесуваш во подрачна единица Кисела Вода, каде вработените се апсолутно некултурни, безобразни, дрски, мрзливи и неписмени. Две вработени се, нема утка. Едната од нив нон-стоп се жали на главоболка и болка во вратот. По службен пат сто пати сум реагирал со претставки за вработените, ниту еднаш не сум добил одговор. Попрво човек ќе добие американска виза, отколку извод. Системот што требаше да профункционира за адвокати како професионални корисници, за што имаме и договори потпишано, никогаш не профункционира. Ако сакате навистина да најдете решение, прочитајте им ги мејловите. Поправка на грешка или запишување на забелешка е научна фантастика“, вели овој адвокат.

    Тој ни кажа дека закачил ковид-19, мавтајќи се по шалтери за исправка.

    „Сите документи се потребни за речиси секоја работа. Значи со ваква неписменост и неорганизација во Управата, допрва ќе губиме време, нерви, трошоци, нерационално одолговлекување на секоја постапка….плус гратис ковид’, вели тој.

    Бара извод да се вади електронски, „како што функционира АКН (Катастар) и ЦРМ (Централен регистер) и целиот нормален свет“.

    На соговорник при вадење извод на родени, му го згрешиле презимето. Колку пати отишол во Управата по нов, точен извод, толку пати вработените му го грешеле.

    „Печатеа изводи со грешно презиме. Никој не знаеше како да го смени. Бараа да ги викам матичарите што го згрешиле оригиналот (иако е точен), а настанот е во 1990-те години и тие службеници се пензионирани или починати“, вели лице од Скопје.

    Поради нестручноста и неспособноста на службениците во Управата, му се оддолжило во недоглед купувањето имот. Ова лице инсистира барањето за извод и подигањето на готовиот да се спроведуваат само дигитално, како во банка.

    „Ниту да одам на шалтер да го земам, ниту по пошта па да сум на работа и да не ме најдат дома. Институциите да престанат да нè замараат во недоглед со тие бесмислени матични изводи што можат да се отпечатат со еден клик“, бара соговорникот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира