МЕСТО ОД ТЕТОВО, ИМ ДОШЛЕ МАТИЧАРИ ОД БРВЕНИЦА, КОИ ПОБАРАЛЕ ПАРИ ЗА ТАКСИ, ПА ИМ ЈА УТНАЛЕ ВЕНЧАНИЦАТА

    МЕСТО ОД ТЕТОВО, ИМ ДОШЛЕ МАТИЧАРИ ОД БРВЕНИЦА, КОИ ПОБАРАЛЕ ПАРИ ЗА ТАКСИ, ПА ИМ ЈА УТНАЛЕ ВЕНЧАНИЦАТАИ покрај дополнителните трошоци за венчавка надвор од Матично, од нас беше побарано да им платиме такси превоз, а бесрамно си побараа и додатни еден денар по минута, откако го потпишавме склучувањето на бракот, вели брачна двојка од Тетово. (архивска фотографија)

    Брачна двојка од Тетово од Управата за водење матични книги – Брвеница добила хорор свадбен поклон, кој им го уништил свечениот момент. Матичарите ај што им побарале пари за превозот со такси, им го згрешиле и изводот на венчани.

    „Побаравме да бидеме венчани во ресторанот кај што беше одржана свадбената веселба, па наместо од Општина Тетово (кај што сме жители), матичарите беа од Општина Брвеница. И покрај дополнителните трошоци за венчавка надвор од Матично, од нас беше побарано да им платиме такси превоз, а бесрамно си побараа и додатни еден денар по минута, откако го потпишавме склучувањето на бракот“, ја почнува неверојатната приказна невестата за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Венчаницата им била издадена од Матична служба Брвеница и навидум изгледала дека е во ред.

    „Во матичното во Брвеница сѐ уште работаат со машина за чукање, не на компјутер! Моето ново презиме сакав да биде иницијал од старото со точка, плус новото. На пример Елена Т. Петревска, за што во моментот на потпишување немаше проблем. Испишана на машина за чукање, венчаницата ја добивме со ваквата форма на презимето. Покрај корумпираноста и непрофесионалниот однос, матичарот никогаш не спомна дека не е дозволена точката, па мојот проблем настана кога вадев лична карта со новото презиме, а системот не дозволуваше да стои точката. Требаше да барам нова венчаница без точка. Тогаш само ја изгребаа точката од постоечката. Проблемот во вадењето лична карта со новата форма на презиме беше затоа што компјутерскиот систем не дозволува точка, туку само иницијал и празен простор. Ова требаше да го знаат матичарите што не венчаа и да ни кажат, пред да ја чукнат точката со нивната машина од минатиот век“, раскажува соговорничката за својот „прекрасен“ меден месец.

    Исто така и на граѓанка од Скопје изводот на венчани ѝ го поправале со пенкало.

    „Во документот имаше згрешено презиме, беше згрешен бројот по кое е заведено во Матичната книга на венчани (МКВ). Се шокирав кога видов дека после го преправале со пенкало и таков ни го донесоа на регистрацијата! Го згрешиле и градот при вадење интернационален извод од МКВ. Ги извадивме одново и тоа е тоа. Трчаниците ни беа бонус. Губам време кое и онака го немам. Поднесувам електронски, меѓутоа во иднина сакам точни податоци и да ми го испраќаат на време по пошта“, вели соговорничката.

    По десетици и десетици примери со непријатни доживувања и лоши искуства при вадење на извод на родени во Управата за матични книги, односно во нејзините подрачни единици ширум државата, револтирани млади брачни двојки се јавија во рамки на истражувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК со нивни разочарувања при вадење на извод на венчани.

    Панче вадел венчаница во Скопје. Вели дека матичниот број на сопругата фалел на документот, иако на барањето ги имало матичните броеви. Бескрајно ги шетале од шалтер на шалтер, од институција во институција, сите си ја префрлувале одговорноста за грешките. Тој вели дека не поднел приговор, не знае каде да се пожали. Сака со едношалтерски систем, само со идентификација со лична карта и усно барање на документот.

    „Институциите да се поврзат, сами да видат каде е регистриран бракот, а не подносителот на барањето да собира и да носи документи. 21. век е. Вака има преголема вработеност, огромна негрижа, непрофесионален однос, а за љубезност ич да не правиме муабет“, вели Панче.

    На Данијела од Скопје, пак, во венчаницата ѝ го голтнале татковото име.

    „Во изводот на родени запишани ми се двајцата родители, во изводот на венчани стои дека немам татко (татко: „непознат“)“, вели Данијела.

    Адвокат од Скопје вадел извод од МКВ. Се жали на неуслужливи вработени, на грешки во личните податоци, на долги редици за издавање. Го фатило три месеци дури ја извадил венчаницата.

    „Поднесено барање, платен надоместок, велат системот не го вади документот, што значи џабе платени пари. За да дознаеш дали е готов изводот, нема телефонски број за да се информираш, ти вели доаѓај секој ден, што значи мораш секој ден да чекаш во ред. Поднесуваш во подрачна единица Кисела Вода, каде вработените се апсолутно некултурни, безобразни, дрски, мрзливи и неписмени. Две вработени се, нема утка. Едната од нив нон-стоп се жали на главоболка и болка во вратот. По службен пат сто пати сум реагирал со претставки за вработените, ниту еднаш не сум добил одговор. Попрво човек ќе добие американска виза отколку каков било извод. Системот што требаше да профункционира за адвокати како професионални корисници, за што имаме и договори потпишано, никогаш не профункционира“, вели адвокатот, кој е бескрајно лут дека закачил ковид мавтајќи се по шалтери за исправка.

    „Овие изводи на родени, венчани, починати…, потребни се за речиси секоја работа. Така што значи губење време, нерви, трошоци, нерационално одолговлекување на секоја постапка….плус гратис ковид. Барам тие да се вадат електронски како што функционира АКН(Катастер) и ЦРМ (централен регистер) и цел нормален свет!“, ни рече адвокатот.

    Скопјанка вели дека од трет обид успеала да дојде до извод на венчани за родителите.

    „Барањето и уплатата беа завршени на 06.09.2021 година. На сајтот јасно беше наведено дека рокот за извршување на услугата е 10 дена. По 15 дена почнавме да вртиме на контакт-бројот 3223-787, но во текот на целиот ден, по безброј јавувања, никој не одговараше. На 22.09.2021 направивме уште една уплата. Откако поминаа повторно 10 дена, на контакт-телефонот пак никој не се јавуваше. Напишав мејл со приговор на [email protected]. Ми одговорија само дека ќе ме известат кога ќе биде готово, и покрај тоа што јасно им пишав дека се поминати повеќе од месец дена. На моето прашање кога да го очекувам, не добив одговор. На телефонот за целиот овој период никој не се јавуваше. Буквално не знаев каде да се обратам. Пријатели ме посоветуваа да пробаме да извадиме документ директно во општина, па отидовме во Кисела Вода на 15.10 , уплативме по трет пат и документот го добивме за 5 работни дена, денес на 22.10.2021. МИЗЕРИЈА! Малтретирање на стари лица, одложување на други процеси кои беа во тек, а чие завршување зависеше токму од овој документ“, раскажува соговорничката.

    Ситуацијата со изводите на венчани по развод, е посебно страшна приказна.

    „Се разведов и пресудата за разводот им ја однесов лично на шалтер во УВМК со оглед на тоа што судот не ја испратил по службена должност. Требаше само да го внесат тоа што го пишува во пресудата за развод. По 3 часа се вратија и конечно ми го предадоа изводот со згрешено име и презиме на бившиот сопруг, згрешен датум на развод, згрешено место на развод и згрешен број на пресуда. За среќа веднаш забележав, на шалтер, следеше одговор дека не е нивна работа да поправат. Им реков дека не мрдам од шалтер додека не го препишат разводот точно од пресудата. Конечно од трета им успеа. Тешка, тешка неписменост владее во Управата! После тоа се омажив за странец при што службеничката не праша зошто не го склучиме бракот во друга држава, а јас и одговорив зошто тие еднаш не си ја заработат платата. На влез на УВМК седи обезбедување како шериф и пушта луѓе внатре со врски. Каков тежок очај. Среќа одма забележав иначе ќе се нервирав и ќе ми се пролонгираше се. Сакам во иднина изводите да ги добивам на начин кој ќе спречи да ја гледам таа неписмена администрација тамошна. Онлајн е супер. Им плаќаш за да не ги гледаш!“, вели оваа револтирана скопјанка.

    Горан поднел документи за посмртна венчаница за неговите родители. При изработка службениците го згрешиле презимето. Потоа поднел барање за промена на презиме кое му го издале за умреница, а не за венчаница. Барањето го вратил на исправка. И сè уште не му е вратено. Постапката, вели тој, трае веќе една година. Документот му е потребен на живиот родител за остварување право на користење на пензија од сопружник, и до денес, ништо од тоа поради неспособните службеници од УВМК.

    На Оливера од Скопје, пак, нивната неспособност ѝ ја поместила свадбата со сегашниот сопруг од во декември лани, дури на 28 февруари годинава. Исправката на венчаницата што му ја згрешиле во Управата, траела 30 дена, вели на скопјанецот Ахмед.

    И Марија има лошо искуство, го зела документот за венчани по третото доаѓање во Управата за водење матични книги.

    „Нарачав извод онлајн со опција да го подигнам во просториите на Упрaвата. Ми стигна мејл дека е готов и отидов да го подигнам. Чекав 40 минути за да ми кажат дека уште не е подготвен, имало многу свадби, не постигнувале. На прашањето зошто тогаш ми стигнал мејл, ми беше речено дека системот нешто не е во ред. Одам по два дена, повторно чекам околу половина час, пак не е готов. Третиот пат пристигнав, му велам на редарот да ми даде бројче, ми вели не може, ми рекоа има многу гужва, да не давам бројчиња. Му велам 2 саат е, до 5 работите, како тоа не ми давате бројче? Крена само раменици. Некако влегов внатре, и ете ти го истиот службеник пак. Провери и изгледа го фати срам дека повторно не е готов, па го снема едно 5 минути и се врати со изводот. Морам да напоменам дека сето ова се случува во работно време, јас сум невработена, па можев да се шетам, но имаше граѓани кои се жалеа дека излегуваат од работа за да дојдат и го добиваа истиот одговор, не е готов, дојдете утре. Ми фалеше извод во документите за во амбасада, што да им речам, знаете како функционира кај нас?“, раскажува Марија како трошела нерви во УВМК.

    Тамара од Скопје, пак, тврди дека во Управата ја убедувале дека венчаницата не ѝ е готова, иако ѝ стигнала порака дека може да оди да ја подигне.

    „По расправање со службеникот, се утврди дека пребарувал за извод од матична книга на родени, а јас бев дојдена за извод од матична книга на венчани. Врз база на што утврди за што сум дојдена, немам поим. На крај побарав да ми се извини, но дојде обезбедувањето, лижејќи сладолед ми се стави во фаца со барање да си одам, а откако му побарав да држи 2 метра растојание, ме опцу и ме избрка. За ова поднесов пријава за дисциплинска одговорност до Директорот Бујар Дардишта, но откако ме игнорираа цела година, се обратив и до Државен управен инспекторат, но и таму ме игнорираа, по што пријавив и до Инспекциски совет, па дури тогаш од Државниот управен инспекторат ме известија дека не се надлежни да постапат, а лицата што ме пцуеле не работеле веќе таму, па немало зошто да ги казнат. Документот си го добив, ама извинување не“, вели адвокатката Тамара.

    „Извадив умреница на 23.9.2021 година за сопругот. Ми треба нова венчаница со забелешки. Три пати одам во Ѓорче Петров и во Центар. Денес на 25.10. ми дадоа венчаница повторно без забелешка дека сопругот е починат на 21.9.2021. Не сум во можност да почнам оставинска постапка која ми е итна“, продолжува Ленче од Скопје.

    Постои масовно незадоволство кај граѓаните од услугите на Управата. Брачна двојка од Охрид вели дека чекала една недела да им издадат венчаница. Им го закочила издавањето на извод за новороденче како и поднесувањето на документи за породилно отсуство. Барањето го поднеле електронски. Од истата причина Александра од Скопје добила надомест од породилно со два месеца задоцнување.

    Во Битола се издаваат изводи на венчани со погрешни податоци. Исто и во Кичево и Куманово. Сите граѓани кои се претставија од Струмица, а кои имале проблеми да извадат венчаница, за тамошното матично кажаа исти зборови: „Дрзок однос на сите вработени од прв до последен. Без волја за работа, однос нула и без добар збор“.

    Граѓанин од Струга вели поднел барање за извод на венчани во Управата во Скопје.

    „Ми рекоа извод за една недела. После една недела утврдија дека не поднеле барање до МВР Струга. Поднесоа барање, фатив врски и одма го одобрија во Струга. После втората недела – успех невиден! Извод без печатни грешки! Трошоци за паркинг – 3 пати, гориво за доаѓање – 3 пати, каснење во друга постапка, нервози, понижување“, вели овој очаен човек.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК побара од Управата за водење матични книги да одговорите дали презема нешто во однос на стотиците поплаки од граѓани за згрешени изводи на родени, венчани и умрени.

    Впрочем, илјадници згрешени изводи констатира и Државниот завод за ревизија во извештајот за УВМК за минатата година. Граѓаните се незадоволни и од брзината на изработката и на издавањето на документите, како и од видливата корупција и непрофесионалност, со пуштање преку ред на странки „со врски“, додека останатите чекаат со часови надвор.

    Луѓето кои ги контактиравме се жалат на изгубени нерви, пари и часови од работа, на изгубени дневници, како за првиот пат кога поднесуваат барање на изводи, така и кога треба да доаѓаат по вторпат, по третпат поради згрешените документи.

    „Што ќе преземе Управата, дали се размислува за згрешените податоци во документите трошокот да го плаќа службеникот, место странките чии изводи ги згрешил службеник од Управата? Ве молиме пишете каков ви е планот за мерки, за да се надмине оваа состојба на исклучително и масовно незадоволство на граѓаните од услугите од Управата за водење матични книги, буквално низ целата држава“, праша САКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела, но одговор од Управата за водење матични книги нема.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира