Високиот суд на Лондон му нареди на владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал-Мактум, да ѝ исплати повеќе од 728 милиони долари на својата бивша сопруга, принцезата Хаја бинт ал-Хусеин, што е опишано како најскапиот развод во историјата на Велика Британија.
Со овие пари ќе се покријат доживотното обезбедување за принцезата Хаја и тековните трошоци за неа и нивните две деца, при што 333 милиони долари треба да се исплатат во следните три месеци. Четириесет и седумгодишната ќерка на некогашниот јордански крал Хусеин е најмладата од шесте сопруги на мултимилијардерот од Дубаи, кој е и премиер на Обединетите Арапски Емирати.
Не постои фиксна сума на договорот, бидејќи шеикот Мохамед ќе мора да ги плаќа и годишните трошоци за обезбедување на двете деца, кои имаат девет и 14 години, како и трошоците за медицинска сестра и дадилка.
Принцезата Хаја пребегна со двете деца во Британија во 2019 откако нејзиниот сопруг открил дека била во љубовна врска со својот телохранител. Таа кажа дека стравувала за својот живот, откривајќи дека шеикот Мохамед претходно киднапирал две свои ќерки и против нивна волја ги вратил во Дубаи. Хаја кажа дека продолжила да добива закани и по преселбата во Британија, при што трошела огромни пари на обезбедувањето.