Германија следната недела ќе ги ограничи приватните собири, ќе ги затвори клубовите и ќе забрани присуство на гледачи на големите јавни настани во обид да го забави ширењето на сојот омикрон, објави канцеларот Олаф Шолц. Мерките што ќе стапат на сила најдоцна на 28 декември беа договорени на денешниот состанок на покраинските и федералните власти.
Според договореното, бројот на луѓето кои ќе смеат да присуствуваат на приватните собири ќе биде ограничен на десет, не вклучувајќи деца до 14 години, што се однесува и на оние кои се вакцинирани.
„Германија се соочува со силен петти бран на ковид-19 поради новата варијанта. Нема да заврши така брзо како што се надеваме. Би сакал да можев да ви кажам попозитивни вести пред божиќните празници. Оваа пандемија сите нè мачи. Сите сме уморни, но тоа не помага. Мора да бидеме единствени, но истовремено и да бидеме на дистанца. Вакцинирањето останува нашата главна цел“, кажа Шолц.
Околу 27 милиони луѓе во Германија се вакцинирани со третата доза, а до крајот на јануари ќе бидат испорачани уште 30 милиони дози.