Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и одлучи да го пушти од притвор од затворот во Шутка.
Апелација го преиначила решението за притвор од Основниот кривичен суд и го пуштила Мијалков да се брани од слобода, прифаќајќи му ја гаранцијата од 11.106.501 евро, во недвижен и во движен имот. Одредени му се мерки на претпазливост – одземен му е пасошот, плус стандардната обврска да се јавува во Основниот кривичен суд.
„Гаранцијата е со ставање хипотека на недвижен имот. Обвинетиот сè уште не е пуштен да се брани од слобода, потребно е првин во Агенцијата за катастар да се стави хипотеката. По запишувањето на хипотеката, се укинува мерката притвор“, вели Апелација.
Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а првостепено осуден е за незаконското масовно прислушување во „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА