Наспроти неодамнешните најави на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски дека Охрид ќе ги исполни сместувачките капацитети со 80 проценти за Новогодишните празници од Хотелската асоцијација ХОТАМ велат дека има едвај 30 посто исполнетост и тоа со домашни и мал број гости од соседството.
Цените за дочек на Нова Година се исти како од пред пандемијата и се движат од 150 до 170 евра за тридневен аранжман, но исполнетоста на хотелските капацитети е намалена за 80 проценти.
Според претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески ова се најтешките години во туристичкиот сектор. Нема ни одговор на нивните барања за владина помош а секторот се повеќе тоне. Дополнителен проблем е минималната плата од 18 000 денари и недела неработен ден во услови кога работат со огромни загуби.
„Од 24 месеци имаме само 4-5 месеци во кои сме работеле активно. Минатата сезона почна касно изработивме само 2 месеци, фатија нови ковид-бранови и изостанаа странските гости кои ни се најважни. Со нив работевме од мај до октомври но во споредба со минати години ни 10 посто од вкупната бројка. Моментално сме во најтешка состојба. Писиар (PCR) тестовите на соседна Грција доведе до откажување на многу групи за католичкиот Божиќ а за Нова Година некои резервации кои ги имавме со странски гости веќе половина се откажаа“, вели Блажески.
Тој додава дека се земаат кредити за да се исплатат плати, а за фирмите кои се во загуба дополнителен проблем им претставува и регресот за годишен одмор но и енергетската криза.
„Цените на производите кои ги даваме во хотелската индустрија со оглед на поскапувањата ќе мора да пораснат. Поскапувања ќе има и ако гледаме реално можеби ќе треба 50 посто да се зголеми цената но за почеток мора да се оди со некоја минимална бројка. Денеска да се загрее или излади еден објект чини скоро дупло од пред 3-4 години. Самото тоа ќе стави клуч на дел од хотелите. Помалите можеби не, но ќе работат само во летните месеци кога е потребно помалку енергија за загревање. Со тоа голем број на вработени ќе останат без работа. Долгорочно никој не може да поднесе загуба“, додава Блажески.
Според изјавите на Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, статистиката годинава покажува 50 процентно зголемување во туризмот во однос на претходната година и се очекува да се оствари бројката од 2,2 милиони ноќевања.
Но, за првиот човек на ХОТАМ реалната слика е далеку поинаква.
„Хотелите кои правеле по 50 илјади ноќевања последниве две години прават само 10 илјади, нема ниту семинари, ниту странски гости. Не знам како се добива бројката која се кажува во јавноста“, вели Блажески.
С. ВРЕНЦОВСКА