„СФИНГА НА ГНЕВОТ“ НА ЖАРКО КУЈУНЏИСКИ Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА КНИЖЕВНАТА НАГРАДА „БАЛКАНИКА“

    „СФИНГА НА ГНЕВОТ“ НА ЖАРКО КУЈУНЏИСКИ Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА КНИЖЕВНАТА НАГРАДА „БАЛКАНИКА“Романот на Кујунџиски го издаде „Антолог“. (Фото: „Антолог“ )

    Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски е македонски кандидат за меѓународната книжевна награда „Балканика“, соопшти издавачката куќа „Антолог“. Во најтесниот избор била и книгата „Лазарка“ од Љупчо Петрески во издание на „Арс ламина“, а одлуката ја донела жирито во состав: Александар Прокопиев (претседател), Весна Мојсова-Чепишевска и Александра Јуруковска.

    „Романот ‘Сфинга на гневот’ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво, кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци, поточно кон оние што преферираат т. н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата“, стои меѓудругото во нивната одлука.

    Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 од релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на „Балканика“ се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов. Во „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави членки на Фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки.

    Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

    Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи на почетокот на 2022 година. Наградата ќе биде доделена од меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира