ВО ДОМОТ НА МЕЧЕТО ТЕДИ ВО ШТИПСКИОТ ЗОО ПАРК СЕ ВСЕЛИЈА ПАУНИ, СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ВЕТИЛА ДЕКА ЌЕ ДОНИРА ЖИВОТНИ

    ВО ДОМОТ НА МЕЧЕТО ТЕДИ ВО ШТИПСКИОТ ЗОО ПАРК СЕ ВСЕЛИЈА ПАУНИ, СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ВЕТИЛА ДЕКА ЌЕ ДОНИРА ЖИВОТНИВо подобри временски услови, пауните се шетаат низ целиот парк (Фото: СДК.МК)

    Штипскиот зоолошки парк комплетно се уредува и ги адаптира живеалиштата за нови животни кои треба да стигнат од Зоолошката градина во Скопје. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и раководството на ЈП „Исар“ во чиј состав е Зоо паркот, рекоа дека од скопската зоолошка ветиле дека етапно, до крајот на март, постојано ќе добиваат животни што ги нема во Штип, каде што беше и сè уште стои домот на мечето Теди.

    Теди пред 13 месеци беше преселен во природниот парк Белица во Бугарија. Неговиот дом во Штип од оваа недела има нови жители, два пауна. Вработените велат дека ова е нивни привремен дом, додека временските услови не одговараат за птиците. Пауните единствено не ја користат кадата на Теди, во којa постојано се капеше.

    Во подобри временски услови, пауните се шетаат низ целиот парк во месноста Бриони или Кртеке, како што ја нарекуваат штипјани.

    Со површина од неколку хектари, штипскиот Зоо парк се отвори пред нова година во 2014 на иницијатива на тогашниот градоначалник Илчо Захариев. Три години подоцна, во паркот се всели малото мече Теди, кое името го доби од донаторот д-р Јовица Угриновски, кај кого било донесено откако се повредило на Скопска Црна Гора. По излекувањето, Угриновски го даде мечето на паркот во Штип и донираше средства за храна.

    Вработените во Зоо паркот истовремено работат на обезбедување доволно храна за зимскиот период. Новите зафати, како што беше кажано, финансиски ќе бидат поткрепени од буџетот на Општината за 2022 година.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира