Стружани денеска го одбележаа роденденот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“ пред спомен-oбележјето каде пред 80 години на дочекот на Новата 1942 година, во куќата на Сотир Шута за првпат стружанецот Владо Малески ја отпеа државната химна.
На местото каде за првпат е испеана „Денес над Македонија се раѓа“, која по осамостојувањето на државата е официјална државна химна, бројни граѓани одадоа почит и положија цвеќе, но и се присетија на денот кога е создадена револуционерната мелодија.
„Стоиме на местото каде пред точно 80 години, во куќата на стружанецот Сотир Шута со итра камуфлажа на новогодишна прослава се собра прогресивната младина од градот со цел да се разговара за престојниот вооружен отпор против фашизмот. Владо Малески за првпат ја пее ‘Денес над Македонија се раѓа’, песна која го содржи вековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава и неговата вечна борба за човечки правдини, новото сонце и слободна татковина изградена на постулатите од илинденците“, рече потомокот на Владо Малески, Снежана Николовска, за настанот кој бил организиран во најстрога тајност.
Овој историски чин стружани и по 80 години не го забораваат. На почетокот од секоја Нова година се сеќаваат на делото на храбрите сограѓани.
„Денес на овој ден ја прославуваме нашата национална химна, симбол на вечната борба која никогаш нема да престане. Но, колку што е симболика толку е и иронија на балканската и европската историја што и после 80 години од интерпретацијата на националната химна Македонците повторно се борат за своите правдини, повторно ја бранат не само посебноста на македонскиот јазик и на македонската националност и правото на нив пред оние кои ни беа сојузници против оние кои нè поробуваа, а сега негираат и условуваат“, рече Николовска.
Професор д-р Сашо Цветкоски рече дека одбележувањето на роденденот на химната се прави на секои 10 години, за да се задржи континуитетот на традицијата со спонтано собирање на стружани за да одадат почит на создавачите на химната.
„Важно е со помасовно присуство да го одбележуваме денот, бидејќи станува збор за важен настан од нашата историја кој треба да биде врежан во меморијата на нашиот народ. Генерациите кои биле ни оставиле големо наследство и ние треба тоа да го негуваме и почитуваме и со вакви одбележувања да го пренесеме на нашите потомци“, рече Цветкоски.
Пред 10 години, во Струга беше промовирано новото издание на монографијата „Вистината е во букетот цвеќе“ од Сотир Опетчески, која сведочи за времето и луѓето кои ја втемелија македонска химна.
С. ВРЕНЦОВСКА