Околу 5.000 посетители на Водно изминатиов викенд се возеле со жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст. Од ЈСП „Скопје“ велат дека првиот викенд, откако по пауза од речиси две години повторно е пуштена, имало голем интерес и голем број граѓани ја користеле при посетата на Водно.
„Во саботата беа продадени 1.500 повратни карти и 350 во еден правец, а во неделата 2.000 повртани и 450 во еден правец. Се почитуваа ковид протоколите односно во една кабина може да се возат по 4 лица“, вели директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски.
На жичницата засега не важи бесплатното возење за ученици во среда, за студенти во четврток и секој ден за пензионери. Директорт Илиевски вели дека за оваа поволност дополнително ќе се одлучи.
Од саботата пуштени се и бесплатните автобуски линии 25А и 25Б кои за викендите ќе возат до Средно Водно, а беа воведени за да се дестимулира одењето со коли на планината.
Жичницата ќе работи секој ден освен секој понеделник и последниот вторник во месецот. Дозволен е превоз на домашно милениче куче со мал и среден раст и превоз на куче придружник на лицата со хендикеп.
Цената на повратен билет е 100 денари, а во еден правец 50 денари.
А. АНТЕВСКА