1. На членовите на Владата треба да им се признае бенефициран стаж. Месецот да им се пресметува како година. Многу брзо им летна времето. Минатата година, Љубчо и Циле велеа дека прават коалиција која ќе трае повеќе од осум години. Издржаа осум месеци и, еве, СДСМ пак се подготвува да им дојде на власт.
Нешто не е во ред со автобусот “За промени”. Се расипа. Не бил по тајвански стандарди. Така бидува кога се склопува автобус од резервни делови, собирани од ваму, од таму. Уште и склопуван во паузите меѓу неколку штрајкови на ФАС “11 Октомври”, ете ти производ со гаранција од дури осум месеци.
Кој ли го расипа автобусот? Љубчо или Циле? Којзнае? Можеби Доста сама буричкала во моторот, или поставила мајстори што не си ја знаат работата. Или, пак, Радмила намерно ја блокирала вентилацијата за да не ѝ ја растури фризурата. Ако не е тоа, тогаш Саво ги измешал копчињата и командите. Љубен и онака не го интересираат мотори. Не е можно тие да бидат толку несовесни и да заглават насред пат со дефект. Значи, Есма е виновна за сé.
Сепак, расипаниот автобус не значи дека коалицијата ќе се распадне. Секој ќе си продолжи по патот со своја кола. А на Есма и онака животот ѝ е песна.
Премиерот смета дека претседателските избори нема да ги нарушат односите меѓу партиите во власта. Во Македонија ќе се воведе нов експеримент. Спротивставените кандидати за претседател наместо да се напаѓаат, меѓусебно ќе се фалат. Секој кандидат од редовите на владината коалиција, наместо да настапува со својата програма, ќе ја промовира програмата на противкандидатот. Така не само што ќе опстане коалицијата туку ќе победи и кандидатот на опозицијата.
2. Нема да биде некое големо изненадување и ако дојде до распад на коалицијата. Во блиската историја имавме таков случај. Коалицијата, “За промени” може да се распадне исто како “Сојузот за Македонија”. И тогаш, и сега Стојан Андов е во центарот на вниманието.
3. Во Америка секој може да биде претседател. Кај нас секој се занесува дека може да биде претседател.
Ама, сепак, не ми е јасно, каква шанса на овие избори гледаат Васил Тупурковски, Стојан Андов, Љубиша Георгиевски, Абдурауф Пруси, Јагнула Куновска, Бранислав Синадиновски…
Кај нас се знае. Македонецот има историска определба: или Тито или Борис.
4. Европарламентарката Дорис Пак ни рече дека Македонија е поорганизирана држава од Босна, Албанија и од Косово. Таа мисли дека ни дала комплимент.
Босна уште ја средуваат, Албанија уште не ни профункционирала како држава, а Косово не е ни држава.
А ние, среќни и радосни, мислиме дека госпоѓата нé пофалила.
5. Дури сега ми стана јасно зошто во последно време немаше прскање против комарци. Военото воздухопловство ги светнувало двете авиончиња за настап на парадата по повод Денот на АРМ. Можете ли да замислите какво воодушевување предизвикаа двете авиончиња што го параа слободното македонско небо над касарната “Илинден”.
Ударната сила на нашето воздухопловство е неуништлива. Прво, авиончињата се толку мали, што ни еден радар не ги фаќа. Второ, кој би бил будала да потроши цела ракета за да урне некое такво авионче. И трето, за нив не се вадат резервни делови од останатата флота за да се оспособат, како што се прави со хеликоптерите. Сепак, забелешките за староста на нашето оружје се злонамерни и непријателски. Какво оружје сакате кога го имаме Никола Кљусев за министер. Човекот избира оружје што му одговара на годините. Ова оружје што го имаме сега е од времето кога тој служел војска. Каков министер за одбрана би бил Кљусев, кога не би знаел да ракува со оружјето што го набавува.
6. Со години се зборува дека видните луѓе поврзани со градежништвото, од “вишокот” материјал што ќе им остане од градењето нови згради, си градат џабе викендици, или си фрлаат катови над своите куќи.
Новинарите во Турција веќе ги обвинија нивниот бетонски октопод, со наслов “Убијци” на насловните страници.
Не дека во Македонија нема бетонски октопод. Туку, никој не се занимава со дивоградбите и доградбите кои сите ги гледаат, а никој не ги урива. Само што, за разлика од Турција, нас сé уште Господ нé чува.