На регрутите во Норвешка им е наредено да ги вратат долната облека, чорапите и градниците по отслужувањето на воениот рок за да можат да ги користат следните генерации војници. Ова следува откако норвешката војска призна дека се бори со намалени залихи, делумно и како последица на пандемијата.
„Поради предизвикувачка ситуација со залихите, овој потег е неопходен бидејќи обезбедува поголемо количество облека за регрутите кои го почнуваат воениот рок. Со соодветни проверки и чистење, повторната употреба на облеката се смета за адекватна и здрава практика“, објави Норвешката организација за воена логистика.
До неодамна, околу 8.000 мажи и жени кои секоја година го служеа воениот рок ја враќаа облеката, но не и долната облека и чорапите. Воениот рок е задолжителен во Норвешка и за мажи и за жени и трае меѓу 12 и 19 месеци.
Списанието на норвешката војска „Форсваретс форум“ тврди дека ова не е првпат вооружените сили да се соочуваат со недостиг од залихи и дека проблемот е присутен веќе со години. Во јуни 2020 недостигала една третина од облеката и опремата на војниците.