Омикрон сојот е присутен кај 68 отсто од заразените со ковид-19 изминатата недела. Министерството за здравство денеска соопшти дека во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје, во периодот од 5 до 10 јануари е направено секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на коронавирус, а кај 104 од нив е детектиран омикрон сојот.
Омикрон сојот е откриен во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по 2 и Виница, Неготино, Битола по 1 заразен.
Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат. Министерството за здравство апелира граѓаните кои чувствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат како би спречиле ширење на вирусот.