Заменик помошникот на Државниот секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар вели дека веќе зборувал со Франција, која од 1 јануари го има претседателството со ЕУ, за пристапните преговори на Северна Македонија, во изјава за „Гласот на Америка на македонски“. Тој верува дека може да се постигне договор за кусо време.
„Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат се` повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. Секоја држава што влегла во ЕУ станала подемократска, попросперитетна и постабилна“, вели Ескобар.
Ескобар додава дека пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ треба да го реши Европа, а САД силно ја поддржуваат кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ и веруваат дека земјата има завршено огромна работа.
„Таа е веќе европска држава, културно и историски европска држава. Оттаму, сакаме да видиме да го почне процесот што е можно побрзо“, рече Ескобар.
Тој рече дека верува оти ЕУ не ја разочарала Северна Македонија, бидејќи и натаму продолжува да ѝ помага.
„Верувам дека ќе постигнеме соодветен договор за многу кус временски период. Ќе работиме на тоа“, кажа тој.
Ескобар смета дека шест месеци, рокот што го најави новиот бугарски премиер Кирил Петков за решавање на спорот со Северна Македонија, се доволни да се решат проблемите, но додаде дека постои фрустрација меѓу европските партнери оти процесот не се одвива брзо.