Јавните претпријатија од Куманово бараат централната власт да им помогне во справувањето со енергетската криза. Тие бараат помош, како што се даде за Скопје редовно да се снабдува со топлотна енергија односно да се субвенционира разликата во цената на природниот гас и електричната енергија, за да можат нормално да функционираат и да ги извршуваат услугите кон граѓаните. Директорите на „Водовод“, „Чистота и зеленило“ и „Куманово-гас“, на денешната седница на Советот се пожалија дека огромните сметки за струја и гас ќе им ги потрошат годишните буџети за неколку месеци, поради што ќе се доведе во прашање нормалното функционирање на претпријатијата.
В. Д. директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојманoвски, вели дека цената на струјата што тие ја набавуваат е зголемена за 350 отсто, па доколку не добијат државна помош ќе се соочат со проблеми при водоснабдувањето на градот. Наместо 20-30 илјади евра колку што досега плаќале за струја, новите сметки изнесуваат 140 илјади евра.
„Ако продолжи ваквата состојба ние од годишната програма нема ништо да реализираме. Цената на струјата е зголемена за 350 отсто и тоа нема да биде проблем само во Куманово, туку во цела Македонија. Ние преку АДКОМ и ЗЕЛС поднесовме иницијатива да се прогласи криза во водоснабдувањето на територија на цела држава и ако може државата да ги покрие трошоците за електрична енергија кои од јануари ќе бидат енормно зголемени. На нас во септември сметката за електрична енергија ни беше 1 милион, во ноември 2,2 милион денари, а во јануари 8,6 милиони денари“, вели Стојмановски.
Поради високите сметки за струја и гас ЈП „Чистота и зеленило“ веќе го стави под клуч затворениот базен. Неговото работење од петнаесетина илјади евра месечно, сега достигна 50 илјади евра. Претпријатието за 2022 година има предвидено 2,2 милиони денари за гас, а веќе во првиот месец сметката е повеќе од 1,3 милиони, што значи дека тие средства ќе се потрошат за 2 месеца, а потоа ќе треба да префрлат пари од другите ставки.
„Ние преку АДКОМ веќе поднесовме иницијатива за истата одлука како за Скопје, да се субвенционира од страна на државата разликата во цената на енергенсите за овие 2-3 месеци, додека трае грејната сезона. Мислам дека треба да се прифати и во таа програма да влезат и јавните претпријатија од Куманово“, изјави в. д. директорот Даниел Стојчевски.
ЈП „Куманово-гас“, пак, покрај проблемот со зголемената цена на гасот и намалениот број на потрошувачи, мора да обезбеди и гаранција од 9 милиони денари ако сака да купува гас од снабдувачот.
„Пред Нова година добивме известување дека цената на гасот од 25 ќе биде зголемена на 75 денари. Ние ги информиравме нашите потрошувачи, и добар дела од нив веќе не го користат природниот ресурс, поради зголемената цена за повеќе од 200 проценти. Со самото тоа добиваме и помалку средства, а гасот према снабдувачот го плаќаме авансно. Од ‘Пром-гас’ добивме допис во кој бараат зголемување на депозитот од 2,6 на 9 милиони денари. И овие средства се неопходни за нормално функционирање на нашето претпријатие во време на енергетска криза“, изјави в. д. директорот Марко Митровски.
Советот денеска донесе одлука за зголемување на основната главнина за 12 милиони денари на „Куманово-гас“ за изградба на инфраструктурни објекти, но средствата ќе се користат за надминување на енергетската криза.
Советниците од опозициската СДСМ побараа Општина Куманово да префрли уште 8 милиони денари на претпријатието и со тоа да го субвенционира работењето на затворениот базен и да ја покрие разликата во цената на домаќинствата и институциите, кои се приклучени на гас. Предлогот не беше прифатен од мнозинството во Советот, кој го сочинуваат советниците на независната листа „За наше Куманово“ на градоначалникот Димитриевски, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Левица и Беса.
Покрај институциите, големи проблеми поради енергетската криза имаат и граѓаните, кои се греат на гас и на струја, и тие очекуваат Владата да донесе мерки со кои ќе ја субвенционира разликата во цената на овие енергенси, како што тоа го стори со греењето во Скопје.
С. НИКОЛИЌ