Најголемиот внатрепартиски критичар на Ангела Меркел, Фридрих Мерц, е избран за нов лидер на довчерашната владејачка партија во Германија, Демохристијанскиот сојуз. Шеесет и шестгодишниот Мерц беше единствениот кандидат на денешната онлајн партиска конференција и е трет лидер на ЦДУ откако Меркел објави повлекување во 2018.
„Зад нас се три турбулентни години и ова нека биде нов почеток за партијата. Ова е моќен сигнал кој најавува обнова на ЦДУ“, изјави Мерц.
ЦДУ владееше со Германија вкупно 52 години откако беше основан во 1945, но на ланските избори го доживеа најтешкиот пораз досега, по што лидерот Армин Лашет поднесе оставка. Тој пак беше на функцијата само една година, откако дојде на местото на директната наследничка на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер.
Мерц беше пратеник во германскиот парламент од 1994 до 2009, по што му се посвети на бизнисот и стана мултимилионер. Во политиката се врати откако Меркел најави повлекување и на ланските избори повторно стана пратеник.