ИЗОЛАЦИЈАТА ЗА ПОЗИТИВНИТЕ НА КОВИД-19 БЕЗ СИМПТОМИ СЕ СКРАТУВА НА 7 ДЕНА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ИЗОЛАЦИЈАТА ЗА ПОЗИТИВНИТЕ НА КОВИД-19 БЕЗ СИМПТОМИ СЕ СКРАТУВА НА 7 ДЕНА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАНа симптоматски случаи ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови ако е без покачена телесна температура. (Фото: СДК.МК)

    Седум дена ќе трае изолацијата за асимптоматските случаи на  ковид-19, одлучи вечерва Владата. Владата на денешната седница ја прифати препоракта на Комисијата за заразни болести за намалување на периодот на изолација за лицата кај кои лабораториски е утврдено присуство на ковид-19 како и периодот на карантин за лицата кои биле во близок контакт со потврден случај на коронавирус.

    На лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест односно се асимптоматски случаи, им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита односно носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метра, честа дезинфекција на раце, избегнување групирање.

    За лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови ако лицето е без покачена телесна температура.

    Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на ковид-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.

    Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин да има за оние лица кои исполнуваат еден од следните критериуми:

    – Вакцинирани со две или три дози, а од последната доза не поминале повеќе од шест месеци

    – Прележани, а позитивниот тест не е постар од шест месеци

    – Лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира