ГАСОВОДОТ СЕВЕРЕН ТЕК 2 НЕМА ДА ПРОРАБОТИ АКО РУСИЈА ЈА НАПАДНЕ УКРАИНА, ВЕЛИ САД

    ГАСОВОДОТ СЕВЕРЕН ТЕК 2 НЕМА ДА ПРОРАБОТИ АКО РУСИЈА ЈА НАПАДНЕ УКРАИНА, ВЕЛИ САДРусија почна нова воена вежба покрај украинската граница со учество на 10.000 војници (Фото: Гети)

    Гасоводот помеѓу Русија и Германија, Северен тек 2, нема да проработи доколку Русија ја нападне Украина, порача Стејт департмент во значително зацврстување на досегашната позиција на западот во однос на овој проект.

    Додека се заоструваат тензиите на руско-украинската граница, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, кажа дека администрацијата на Бајден соработува со Германија за да се обезбеди дека таа ќе може да ја поднесе загубата на гасоводот.

    „Сакам да бидам јасен: ако Русија ја нападне Украина на кој било начин, Северен тек 2 нема да проработи. Нема да навлегувам во детали, но ќе соработуваме со Германија за да се случи тоа“, изјави Прајс.

    Германската амбасадорка во САД, Емили Хабер, го поддржа зацврстувањето на позицијата кон гасоводот.

    „САД и Германија заеднички изјавија летоска: Русија ќе плати висока цена ако ја користи енергијата како оружје или уште еднаш го наруши суверенитетот на Украина. И канцеларот Шолц јасно кажа дека ништо не е исклучено, дури и Северен тек 2“, напиша таа на Твитер.

    Ова следува откако САД ѝ испратија писмени одговори на Русија на нејзините барања околу Украина. Иако документот нема да биде објавен јавно, државниот секретар Ентони Блинкен уште еднаш повтори дека вратите на НАТО се отворени за Украина и дека одговорите што ги доби Русија можат да отворат пат за дипломатско решавање на кризата, ако таа сака.

    Вреден 11 милијарди долари, гасоводот првпат беше најавен во 2015 и Ангела Меркел беше негов гласен поддржувач, ветувајќи дека ќе обезбеди евтина енергија за 26 милиони германски домови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира