Горан Стаменковски, раководител во секторот за човечки ресурси во Основниот суд Скопје 1, за кого вчеравечер Судот соопшти дека вербално и физички ја нападнал портпаролката, испрати демант до медиумите на верзијата на настанот на претседателот на Судот Владимир Панчевски. Стаменковски објаснува дека по претходно даденото укажување на Панчевски во врска со нормата што им ја поставил од по 400 предмети за секој судски службеник во одделението за санкции, укажувањето за незаконското распоредување на службениците и по јавно искажаната негова намера дека ќе повика Трудова инспекција во врска со, како што наведува Стаменковски, незаконското постапување на Панчевски, тој потпишаните службеници почнал да ги повикува еден по еден кај него.
“Претседателот на Судот почна да ги повикува сите што го потпишаа укажувањето и да им се заканува дека уште ќе им ја зголемел нормата и оти ќе ги прател во Одделот за прекршоци. Тоа резултираше со емотивни реакции на службениците, кои од неговиот кабинет излегуваа расплакани, вознемирени и револтирани“, наведува тој во дописот во медиумите.
Ова се случувало во текот на вчерашниот ден, кога и 15 судии со петиција се обратија до Судскиот совет за да побараат Панчевски да не го злоупотребува, како што велат, официјалниот веб сајт на Судот за приватни тужби и контратужби со нивен колега, судијата Иван Џолев.
“Дента кога тоа се случуваше, јас отидов во мојата претходна канцеларија за да си земам некои лични работи. Во канцеларијата беше судијата Славјанка Јанковска и привилегираната портпаролка Паула. Вознемирен од сѐ што се случуваше дента, побарав со повисок тон од Паула да се потргне од местото кај што седеше, за да можам да си ги земам работите. Со неа, а ни со судијата Јанковска не разговарам подолго време, па ме збуни реакцијата нејзина, бидејќи ми се обрати дрско и провокативно. Јас сето тоа го игнорирав и си излегов од канцеларијата“, ја кажува Стаменковски својата верзија на настанот. Подоцна, вели, бил известен дека против него имало некаква пријава во полиција, за која, според него, особено се заложил претседателот Панчевски, за кого разбрал “дека се јавувал и молел во обвинителството и во полицијата случајот да се издигне на ниво на кривично дело“.