Екипа за спасување во планина при Дирекцијата за заштита и спасување од Тетово, вчера успеа да спаси двајца планинари на кои им била потребна помош, бидејќи едниот од нив имал повреда на ногата. Повредениот планинар е роден 1973, а другиот 1986, обајцата од Скопје. Планинарите јавиле во Дирекцијата дека се наоѓаат на потегот кај селото Вешала и месноста Шилиџе и побарале помош за да можат да се вратат.
„По дојавата дека има повреден планинар, околу 14 часот тргнавме кон селото Вешала. Информацијата беше дека двајца планинари се наоѓаат на потегот помеѓу врвот Кобилица и Црн Врв кај карпата Шилиџе. Во екипата за спасување бевме четворица, меѓу кои имаше и еден лекар. До местото каде беа планинарите стасавме околу 20 часот. Кога ги најдовме планинарите увидовме дека едниот од нив има повреда на лигаментите. Двајцата планинари во меѓувреме направиле преврска на повреденото место, но нашиот лекар направи имобилизација на ногата со цел полесно да може да се движи додека се враќавме“, рече Борис Стојановски, раководител на екипата.
По санацијата на повредата сите отишле во Вешала.
З. АНДОНОВ