ХАВАНА СИНДРОМОТ МОЖЕБИ Е ПРЕДИЗВИКАН ОД НАСОЧУВАНА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ

    ХАВАНА СИНДРОМОТ МОЖЕБИ Е ПРЕДИЗВИКАН ОД НАСОЧУВАНА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИПрвите случаи на синдромот биле пријавени од американските дипломати на Куба во 2016 (Фото: Гети)

    Насочувана енергија е можната причина за некои случаи на мистериозното заболување Хавана синдром, се вели во нов извештај на американските разузнавачи. Во јавноста се води постојана дебата дали симптомите што ги погодуваат американските дипломати и шпиони низ светот се предизвикани од некаков уред или се од психолошка природа.

    Последниот извештај вели дека симптомите се вистински и во некои случаи би можеле да бидат предизвикани од скриен уред. Сепак, тимот на експерти кој го подготви извештајот не навлегува во тоа кој е одговорен за нападите.

    Почнувајќи од Хавана во 2016 година, американските дипломати и разузнавачи почнале да се жалат на низа необични симптоми и овие тврдења во прв момент биле отфрлани од владата. Но, минатата година, Вашингтон почна да ги охрабрува своите државјани да пријавуваат слични случаи, при што се дозна дека ги имало најмалку илјада низ светот досега.

    Истражување на ЦИА од минатиот месец не пронашло доказ дека станува збор за кампања на некоја странска држава, додавајќи дека голем број случаи можат да се објаснат со природни причини или стрес. За само мал дел од нив, околу 20, немало никакво објаснување.

    Новото истражување утврдило неколку карактеристични симптоми на Хавана синдромот, како ненадеен силен звук или притисок во едно уво или од една страна на главата, вртоглавица, губење рамнотежа, болка во увото и силно чувство на губење ориентација.

    „Неколку аспекти на синдромот укажуваат на тоа дека не е предизвикан од невролошко нарушување, туку дека има надворешен извор или стимуланс“, се вели во извештајот, додавајќи дека ова може да се објасни со пулсирачка електромагнетна енергија, но за тоа засега нема доволно информации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира