КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ ВМРО“ ВО ЦЕНТАРОТ НА БИТОЛА

    КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ ВМРО“ ВО ЦЕНТАРОТ НА БИТОЛАСпоред рекламата поставена на објектот, клубот го отворил Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола. (Фото: СДК.МК)

    Во центарот на Битола, на чекор до Широк Сокак ќе се отвори Клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“. Клубот се наоѓа на улицата Рузвелтова во поранешната пивница. Според рекламата поставена на објектот, него го отвора Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола.

    Попладнево се обидовме да влеземе во клубот и да прашаме какви активности ќе изведуваат, но вратата беше заклучена. На рекламните паноа освен имињата на клубот и центарот што го отворил, како и сликата на Иван Михајлов, нема други податоци за контакт и работно време.

    На фејсбук страницата на Културниот центар „Иван Михајлов“ поставени се фотографии од клубот уште на 29 јануари годинава. Под фотографиите пишува „Ајде за век нека е’’. Под нив, читатели испраќаат коментари: „Честит нов офис на достојните наследници на Ванче“, како и тоа дека треба клонови на канцеларијата да се отворат и во други градови, па и во Пиринска Македонија.

    На социјалните мрежи испративме прашање до Културниот центар „Иван Михајлов“ каква намена и активности ќе има клубот. Прашањето го видоа, но одговор засега не добивме.

    Во март лани, Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола ја разбранува јавноста во земјава и во Бугарија, по писмото испратено до бугарскиот државен врв и амбасадите на САД, ЕУ, Португалија и Германија во земјава, дека се соочуваат со страв да се изјаснат како македонски Бугари и дека се соочени со бугарофобија. Пред две години, пак, истиот центар направи промоција на книги за Тодор Александров и полковник Дранго од поранeшниот бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, лидер на националистичката партија ВМРО-БНД, на која и самиот присуствуваше.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира