Откако Мартин Протоѓер призна вина на денешното рочиште за „Титаник“, обвинителката Лиле Стефанова од судот побара да му биде изречена намалена и условна казна на обвинетиот, наведувајќи олеснителни околности. Меѓу другото, таа кажа дека станува збор за татко на три деца, невработен, со влошена здравствена состојба, а рече и дека го цени тоа што признал вина.
„Како јавен обвинител исклучиво го ценам чекорот што го направија денес овие 8 обвинети. Признавањето е една голема олеснителна околност. Сметам дека судот ќе го цени ова, иако, секако имаат и отежителни околности секој од нив. Протоѓер е татко на три деца, невработен, со влошена здравствена состојба, како за него, така и за членови на неговото потесно семејство. Во текот на целата постапка беше постојано присутен и даде признанија на вина во момент кога првпат за тоа се создадоа услови по четиригодишно траење на постапката. Тој не е осуден и не се води постапка за друго кривично дело. За него има и отежителни околности, како начинот на кој го извршил кривичното дело и должината на делото. Судот да изрече казна во законски одредените рамки со искористување на законските одредби за намалување на казната и за условување на казната“, кажа Стефанова на судењето.
Стефанова го пофали и Миле Јанакиески и побара судот да ги цени олеснителните околности и да изрече ублажена казна.
И за Јанкулоска обвинителката Стефанова кажа убави зборови. Нејзината отежнителна околност е што дејствијата ги презела како министерка за внатрешни работи. И покрај тоа, рече Стефанова, според нејзината здравствена состојба и семеен статус, судот треба да ги користи одредбите за ублажување и за условување на казната. За обвинетата Билјана Бришковска-Бошкоски, Стефанова кажа дека е трогната од незјината денешна изјава и за неа побара ублажување и условување на казната.
Покрај овие четворица обвинети, вина денеска на „Титаник“ признаа Мунир Пепиќ, Кире Тодоровски и уште двајца други.
Првообвинет во „Титаник“ е избеганиот Никола Груевски, обвинет за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
За останатите обвинети кои не се чувствуваат виновни, меѓу кои Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски и останатите, судењето продолжува на 9 март.
„Титаник“ е еден од најсложените предмети што се судат во одделот за организиран криминал со 20-тина обвинети. Сите обвинети кои денеска признаа вина, но не го признаа делото за незаконско финансирање, каде што им се закануваат затворски казни без можност за условни, продолжуваат на 9 март, пак во истата голема група од 20-тина обвинети.
С. К. ДЕЛЕВСКА