ЈАНАКИЕСКИ, ПРОТОЃЕР И ЈАНКУЛОСКА ПРИЗНАА ВИНА ВО „ТИТАНИК“ И СЕ ИЗВИНИЈА НА СИТЕ ШТО СЕ ПОЧУВСТВУВАЛЕ НАВРЕДЕНИ ВО БОМБИТЕ

    ЈАНАКИЕСКИ, ПРОТОЃЕР И ЈАНКУЛОСКА ПРИЗНАА ВИНА ВО „ТИТАНИК“ И СЕ ИЗВИНИЈА НА СИТЕ ШТО СЕ ПОЧУВСТВУВАЛЕ НАВРЕДЕНИ ВО БОМБИТЕОд претходно рочиште за „Титаник“ (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите во случајот на поранешното СЈО „Титаник“ за злосторничко здружување и неколку кривични дела поврзани со изборни злоупотреби Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески, Мунир Пепиќ, Билјана Бришковска-Бошковски и уште тројца други признаа вина на денешното рочиште.

    Судењето за „Титаник“ почнува одново по третпат поради смена на поротник и овие осуммина обвинети ја искористија шансата да се изјаснат како виновни и да им се извинат на сите што се почувствувале навредени во бомбите. Јанкулоска, Јанакиески и Протоѓер беа меѓу најзастапените во прислушуваните разговори кои ги објавуваше поранешниот премиер Зоран Заев, како лидер на опозицијата пред шест години. Вина призна и Кире Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Јанкулоска, а потоа вработен во Агенција за разузнавање.

    Јанакиески и Протоѓер не признаа вина само за злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања, едно од кривичните дела за кои се обвинети од обвинителката Лиле Стефанова.

    Во продолжение на судењето, адвокатите поднесоа до судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев докази за здравствената состојба на обвинетите, некои поднесоа медицинска документација, потоа докази за семејниот статус… во насока на добивање поповолни казни.

    Првообвинет во оваа група од 20 лица е избеганиот Никола Груевски, обвинет за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања

    За останатите обвинети кои не се чувствуваат виновни, меѓу кои Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски и останатите, судењето продолжува на 9 март.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира