По САД, и други држави ги повикаа своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина, додека се засилуваат предупредувањата за руска инвазија.
Британското министерство за надворешни работи кажа дека сите британски државјани би требало да си заминат додека сè уште има достапни комерцијални летови. Ваков повик упатија и Холандија, Јапонија и Јужна Кореја, додека Летонија укажа на сериозна безбедносна закана од Русија.
„НАТО е обединет и подготвен за секое сценарио“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека Русија може да нападне во секој момент.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако долж границата распореди над 130.000 војници и деновиве почна воена вежба во Белорусија. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кажа дека Русија доведе дополнителни сили на границата, што го опиша како знак на ескалација.
„Сега сме во рамките кога инвазија може да почне во кој било момент и да бидеме јасни, тоа може да се случи уште за време на Зимските олимписки игри во Пекинг“, изјави Блинкен.
Џо Бајден кажа дека САД нема да праќаат војници за да извлекуваат американски државјани од Украина, додавајќи дека воен судир со Русија би бил вовед во нова светска војна.