РУСКАТА ЛИЗГАЧКА ВАЛИЕВА ДОБИ ДОЗВОЛА ДА ПРОДОЛЖИ СО НАСТАПИТЕ НА ОЛИМПИЈАДАТА

    РУСКАТА ЛИЗГАЧКА ВАЛИЕВА ДОБИ ДОЗВОЛА ДА ПРОДОЛЖИ СО НАСТАПИТЕ НА ОЛИМПИЈАДАТАВалиева имала позитивен допинг тест на 25 декември, но за тоа се дозна дури минатата недела (Фото: АП)

    Спортскиот арбитражен суд (ЦАС) ѝ дозволи на руската лизгачка Камила Валиева да продолжи со настапите на Зимските олимписки игри во Пекинг откако соопшти дека нема да биде суспендирана по позитивниот допинг тест. Според ЦАС, на 15-годишната Валиева ќе ѝ се нанесеше непоправлива штета доколку беше исфрлена од Олимпијадата.

    „Таа има помалку од 16 години и е заштитена со кодот на Светската антидопинг агенција (ВАДА)“, објави највисокиот спортски суд.

    Тој додаде дека важна улога во неговата одлука имало и ненавременото известување за резултатите од допинг тестот, што се случи за време на Олимпијадата и речиси шест недели откако бил земен примерокот.

    „Такво задоцнето известување не е нејзина грешка“, кажа судот, кој ја донесе одлуката по неколкучасовното сослушување.

    Минатиот понеделник, Валиева ѝ помогна на Русија да го освои златото во екипна конкуренција, но медалите не беа доделени откако се дозна дека имала позитивен допинг тест на 25 декември. Таа беше суспендирана на 8 февруари, но Руската антидопинг агенција ја укина одлуката наредниот ден, на што се жалеа Меѓународниот олимписки комитет, ВАДА и Меѓународната лизгачка унија.

    Валиева утре ќе може да настапи во поединечната програма, каде што е фаворит за ново злато.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира