„ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ“ ОД ФАСБИНДЕР ПРЕМИЕРНО ВО МНТ НА 2 МАРТ

    „ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ“ ОД ФАСБИНДЕР ПРЕМИЕРНО ВО МНТ НА 2 МАРТВо претставата игра само женска актерска екипа (Фото: МНТ)

    Македонскиот народен театар (МНТ) ја најави премиерата на претставата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ од германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Ивица Димитријевиќ, што ќе се изведе на 2 март.

    Текстот е напишан во почетокот на 1970-ите и отворено зборува за љубовните односи помеѓу жените. Фасбиндер во 1972 сними филм според својата драма, која за првпат се поставува на сцената на МНТ.

    Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е базирана на целосно женска актерска екипа, при што насловниот лик го игра Драгана Костадиновска. Во останатите улоги се Сара Анастасовска како Карин Тим, Сашка Димитровска како Сидони фон Гразенаб, Софиа Насевска-Трифуновска како Марлен, Тања Кочовска како Валери фон Кант и Анастасија Аневска како Габриеле фон Кант.

    Дејството се случува во домот на нарцисоидната и позната модна креаторка Петра фон Кант. Приказната е раскажана во пет чина и секој од нив ги прикажува психолошките состојби на главниот лик. Претставата отворено и повеќедимензионално зборува и за тоа како капиталистичкото потрошувачко општество ѝ се заканува дури и на љубовта.

    Костимите се дело на Ирина Тошева, консултантка за сценографија е Кристина Божурска, а музиката ја напиша Јане Трајковски. Следните изведби се закажани на 4 и 22 март со почеток во 20 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира