Шпанскиот филм „Алкарас“ на режисерката Карла Симон ја освои престижната Златна мечка за најдобар филм на 72. Берлинале што заврши вечерва. Филмот е приказна за последиците од економската криза врз семејство кое ќе го загуби овоштарникот со праски во селото Алкарас во регионот Каталонија. Претходниот филм на Симон, „Лето 1993“ за семејство кое има ХИВ-позитивно дете, беше шпански кандидат за Оскар.
Вкупно 3 режисерки ги освоија главните награди на годинешното Берлинале, кое по ланското онлајн издание одеше во живо в кино. Сребрената мечка на жирито ја освои „Наметка од дијаманти“, дебито на мексиканската режисерка Наталија Лопез Галјардо, а француската ветеранка Клер Дени доби Сребрена мечка за најдобра режија за љубовнта драма „Двете страни на сечилото“ со Жилиет Бинош, Винсент Линдон и Грегоар Колан.
Корејскиот режисер Хонг Санг-со ја освои Сребрената мечка- Гран при на жирито за „Филм на романсиерот“.
Наградата за најдобра главна улога ја доби герамнско-турската комичарка Мелтем Каптан за улогата на мајка која се бори да го извади синот обвинет за тероризам од американскиот затвор во Гвантанамо Беј во филмот „Рабије Курназ против Џорџ В. Буш“ на германскиот режисер Андреас Дрезен. Овој филм ја доби и наградата за најдобро сценарио.
За најдобра споредна улога е наградена Лаура Басуки за индонезискиот „Нана“ на Камила Андини.
Наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ ја доби „Леонора адио“ на легендарниот италијански режисер Паоло Тавијани.