Скопскиот џез фестивал (СЏФ) ќе добие најмногу средства наменети за музичките фестивали и манифестации во рамките на годишната програма за култура, чии резултати беа објавени вчера. Овие резултати се официјални, но секој добитник има право да ја обжали сумата која е одобрена. За 41. издание на СЏФ, Министерството за култура одобри 4.100.000 денари (66.000 евра), што е речиси еден милион (околу 15.000 евра) повеќе од првичната сума одобрена лани, но и еден милион помалку во однос на 2020.
Сумата за Офф-фест, што исто така го организира „Скопски џез фестивал“, остана речиси идентична – 2.091.000 денари (34.000 евра).
Меѓу поддржаните рок фестивали се Таксират со 2.911.000 (47.000 евра) и Д-фестивал во Дојран со 2.870.000 денари (46.000 евра).
За Златно славејче се одобрени 249.000 денари (4.000 евра), а за Макфест 399.000 денари (6.500 евра), откако пред две години доби два милиона денари.
По СЏФ, најмногу пари за музичките манифестации се одобрени за 45. Денови на македонска музика – 3.034.000 денари (49.000 денари) и за 10. Сцена на албанската сериозна музика – 2.911.000 денари (47.000 евра).
Од настаните на Филхармонијата, со најмногу средства е поддржан „Филхармонија на отворено – Филмско ехо со Кјубрик“ – 1.000.000 денари (16.000), а во НОБ, премиерите на операта „Норма“ и на балетот „Големиот Гетсби“ – по 2.500.000 денари (40.000 евра).
За 62. издание на Охридско лето се предвидени 32.000.000 (517.000 евра), а за 50. Мајски оперски вечери (МОВ) 6.000.000 денари (97.000 евра).
Г. КОНЕВ