Почна изградбата на 400-киловолтниот далновод во Трансформаторската станица Битола 2 кој ќе води до македонско-албанската граница. Премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелник, рече дека далноводот подеднакво е важен за економските потенцијали, но и градењето на добрососедски односи со земјите од соседството.
„Инвестиција во вредност од 17,2 милиони евра значи поврзување на електропреносните системи на Северна Македонија и Албанија. Со новата енергетска врска се поврзуваме со Албанија како последна земја со која нашата земја не беше енергетски поврзана. На овој начин го завршуваме процесот на поврзување со електропреносителните системи со сите наши соседни земји, две врски со Грција, по една со Србија, Косово и Бугарија. Целата електроенергетска верига Исток-Запад интерконективниот далековод Битола-Елбасан е реализација на Коридорот 8 и претставува клучна акла во транзитот на електричната енергија од Бугарија преку Македонија, низ Албанија до Италија“, рече Ковачевски.
Далноводот ќе биде долг 97 километри и ќе биде поставен на 269 челично решаткасти столбови. Инвеститор е МЕПСО, а инвестицијата дел е обезбедена со грант и дел заем од Европската банка за обнова и развој.
Ж. ЗДРАВКОВСКА