Хрватскиот министер за градежништво Дарко Хорват денеска е уапсен и донесен на распит во обвинителството. Полицијата утрово изврши претрес во неговата куќа во Меѓумурје, а истрагите се поврзани со злоупотреба на положбата и овластувањата.
Премиерот Андреј Пленковиќ одржа вонредна прес-конференција и ги нападна Држваното обвинителство и Канцеларијата за сузбивање корупција и организиран криминал (УСКОК). Тој не го смени министерот Хорват, но заклучи дека „ако биде задржан во притвор, не може да остане министер“.
Според неофицијални информации, станува збор за истраги поради повеќемилионски незаконски субвенции. Инспекторите ја истражуваат улогата на Хорват во злоупотребите за кои се сомничи неговата поранешна помошничка Ана Мандац. УСКОК се сомнева дека по барање на Јосип Римац организирала поддршка за занаетчии од Министерството за економија во времето кога го водеше Хорват.
Заедно со Хорват, под истрага се и поранешните министри Томислав Толушиќ и Борис Милошевиќ. Според досегашните информации, тие се осомничени дека барале вработување преку врски и за доделување субвенции.