Македонското Министерство за надворешни работи денеска повторно ги повика сите македонски државјани кои во претстојниот период планирале посета на Украина, да избегнуваат патувања во земјата, а сите наши државјани кои сега се во Украина ако имаат можност во најскоро време да ја напуштат земјата.
Министерството ги повика граѓаните кои се во Украина да ја контактираат амбасадата во Киев, и да и ги остават своите податоци и да ги следат и да се информираат од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и на Амбасадата.
Поради новите стравувања дека Русија може да ја нападне Украина за неколку дена, Германија и Австрија им порачаа на своите граѓани да ја напуштат земјата. Германскиот авиопревозник Луфтханза ги откажа летовите до главниот град Киев и до Одеса, пристаништето на Црното Море кое може да биде клучна цел во инвазијата.
Проруските сепаратистички лидери во источна Украина денеска наредија целосна воена мобилизација во Доњецк и Луганск, среде напливот на насилство во регионот разурнат од војна и стравувањата на Западот дека Русија би можела да го искористи судирот како изговор за инвазија. Вчера, бунтовниците почнаа да ги евакуираат цивилите од зоната на конфликтот со најава што изгледа дека е дел од нивните и обидите на Москва да ја претстават Украина како агресор.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека сега е убеден оти рускиот претседател Владимир Путин одлучил да ја нападне Украина и да го нападне главниот град Киев. Бајден, кој со недели велеше дека САД не се сигурни дали Путин ја донел конечната одлука, рече дека неговата проценка се променила, повикувајќи се на американското разузнавање.
„Од овој момент, убеден сум дека тој ја донесе одлуката“, рече Бајден. „Имаме причина да веруваме во тоа“. Тој повтори дека нападот може да се случи во наредните денови.
Русија денеска изведува масовни нуклеарни вежби, а Путин вети дека ќе ги заштити националните интереси на Русија од она што го смета за закани од Западот.