Цените на нафтата и гасот растат додека се зголемуваат стравувањата дека руско-украинската криза ќе го наруши снабдувањето низ светот. Цената на американската нафта Брент, која важи за меѓународен репер, ја достигна цената од 99,38 долари за барел, најмногу во изминатите седум години.
Ова следува откако Владимир Путин синоќа ја призна независноста на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск. САД, ЕУ, Велика Британија и Јапонија се заканија дека ќе воведат санкции за Русија, која е вториот најголем извозник на нафта, по Саудиска Арабија и водечки светски производител на природен гас.
„Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 10% од почетокот на месецот. Санкции што ќе ја принудат Русија да испорачува помалку сурова нафта или природен гас ќе имаат важно влијание врз глобалната економија“, вели канадската аналитичарка Сју Трин.
Мајки Кјури, инвестициска директорка на „Фиделити интернешнал“, смета дека цената на еден барел нафта би можела да надмине 100 долари како резултат на украинската криза, студената зима во САД и недостигот на инвестиции во снабдувањето.
„На Русија отпаѓа еден од секои десет барели нафта што се трошат на светско ниво. Таа е голем играч кога се во прашање цените на нафтата“, вели таа.
Русија со години е под санкции од САД и ЕУ, кои имаат огромно влијание врз нејзината економија и се очекува тие да бидат продлабочени сега.