ДВЕ ПОНУДИ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, ЗА 6 МЕСЕЦИ ЌЕ БИДЕ ИЗБРАНА ФИРМАТА КОЈА ЌЕ ЈА ГРАДИ

    ДВЕ ПОНУДИ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, ЗА 6 МЕСЕЦИ ЌЕ БИДЕ ИЗБРАНА ФИРМАТА КОЈА ЌЕ ЈА ГРАДИИзградбата на пречистителната станица ќе чини 136 милиони евра.(Фото: СДК.МК)

    Две понуди стигнале за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Денеска беше затворен тендерот за овој проект вреден 136 милиони евра, по што следи период на евалуација на понудите. Како што кажа директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, се очекува овој процес да трае од три до шест месеци, по што ќе стартува изградбата на пречистителната станица.

    „Процесот на отворање на понудите и неговата етапна реализација ќе значи гаранција за доследно реализирање на инвестицискиот циклус со проценета вредност од 136 милиони евра, што е и една од најголемите инвестиции за градот Скопје воопшто. Со изградбата на пречистителната станица, ние како држава ќе имаме над 90% прочистени води, што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води“, кажа Перински.

    Средствата во висина од 136,73 милиони евра, се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.

    Директорот на претставништвото на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Западен Балкан Алесандро Брагонци, кажа дека овој проект значи подобри услови за живот за околу 500.000 луѓе.

    „Како климатска банка на ЕУ, нашата цел е да му помогнеме на регионот да се прилагоди и да ги ублажи негативните последици од климатските промени и да ја зголеми отпорноста на кризи. ЕИБ досега има инвестирано 128 милиони евра во инфраструктурата за вода и отпадни води, што помогна да се подобри пристапот до вода за пиење и санитарни услуги за луѓето низ Северна Македонија. Како дел од ЕИБ Глобал, ќе продолжиме тесно да соработуваме со Европската Комисија и нашите локални партнери во обезбедувањето техничка и финансиска поддршка за стратешки инвестиции во областите на одржлив транспорт, зелена транзиција, енергија и развој на мали и средни претпријатија“, кажа Брагонци.

    Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет за 500.000 жители.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира