СОВЕТНИЦИТЕ ОД СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ ГО ИЗГЛАСАА ПЛАНОТ ЗА БЕНЗИНСКА ПУМПА КАЈ СЦ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ВО КАРПОШ КОЈ УСТАВЕН СУД ГО УКИНА ВО 2018

    СОВЕТНИЦИТЕ ОД СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ ГО ИЗГЛАСАА ПЛАНОТ ЗА БЕНЗИНСКА ПУМПА КАЈ СЦ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ВО КАРПОШ КОЈ УСТАВЕН СУД ГО УКИНА ВО 2018Од советничката група „Независни за Карпош“ велат дека со овој план не се штитат интересите на граѓаните туку на приватните инвеститори. (Фото: Фејсбук)

    Со 16 гласови „за“ од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ, Советот на Општина Карпош го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05. Против планот беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица, кои не ни присуствуваа на денешната вонредна седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на ДУП-от.

    Со ДУП-от на празниот простор пред ВИП Арена „Борис Трајковски“, паралелно со булеварот 8 Септември се предвидува бензинска пумпа, како и нова улица која ќе минува покрај терасата на базенот. Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе е продадено на фирмата „Пуцко Петрол“ и поради тоа градоначалникот Стевчо Јакимовски тврди дека мора итно да се донесе планот, во спротивно Општината ќе биде тужена. За овој план Јакимовски се скара и со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, кога во декември ја обвини дека не му се јавува и го кочи донесувањето на планот, а на Општината ѝ се заканува тужба.

    Од советничката група „Независни за Карпош“ велат дека со овој план не се штитат интересите на граѓаните туку на приватните инвеститори.

    „Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал. И покрај заканите дека доколку не гласаме т. е. не соработуваме ќе бидеме кривично гонети, како и приказните дека Општината ќе биде финансиски заглавена, за кои има нула конкретни достапни документи и информации, ние од ‘Независни за Карпош‘ повторуваме дека сме избрани од граѓаните да гласаме онака како ни налага нашата совест и образ пред тие што нè гласале. Бензинска пумпа ниту има потреба, ниту пак смее да има во заштитна зона на бунарски ситем, ниту пак во близина на гасоводна траса. Улица која би била сервисна за соседниот блок од згради не треба да има затоа што не требаат ни тие згради“, велат од „Независни за Карпош“.

    Од Општина Карпош велат дека планот е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

    ДУП-от е со плански опфат од 4.88 хектари и се протега од север и запад по оска на новопланираните сервисни улици С3 и С4, од југ по оската на новопланираната улица С1 и од исток, по должина на градската магистрала булевар 8 Септември. Според ДУП-от, се предвидува намена на просторот за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензински пумпи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира