Матичните лекари и докторите специјалисти од секундарното здравство од Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) утре нема повторно да работат со пациенти со „Мој термин“ туку само со итни случаи. Ова доаѓа како нивен револт, оти на последната средба по протестот на 18 февруари со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, на која подоцна се вклучил и министерот за здравство Беким Сали, беше договорено за една до две седмици, да се формираат работни групи, а ништо не се реализирало.
„Требаше да се оформат работни групи, кои ќе работат по проблематиката која нè допира. Рокот кои сами си го дадоа од Министерството помина и Управниот одбор на ЗПЛМ одлучи да се продолжи со протест. Очекувавме неколку точки да се придвижат, режим на лекови, покачување на вредноста на капитација. Точките за работа ги определивме, која е за со Министерството за здравство, која е со Фондот за здравство“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на ЗПЛМ.
Одлуката ја донел Управниот одбор на Здружението на приватни лекари, кога во неделата одржал седница и последниот рок до кога чекале да се договори состанок бил денес до пладне. Бидејќи никој не се јавил ниту од Министерството за здравство ниту од Фондот за здравство, протестот ќе се одржи утре. По средбата од пред две седмици, заменик-министерот за здравство Рендевски, потврди дека една третина од приватните лекари во земјава од 1.400 членови земаат минимална плата.
П. ПЕЧКОВ