По цела година пишување пресуда, па жалби и процесирање во Апелациониот суд Скопје, утринава почна седницата против 12-годишната затворска казна на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за масовното незаконско прислушување на стотици граѓани без судски налог, од 2008 до 2015 година.
Судија-известител во овој предмет е Енвер Беџети. Претседател на петчлениот кривичен совет е Јани Нича, а останатите тројца судии се Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
На јавната седница на која е присутен Мијалков, од затворот Идризово дојде ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска осудена на 4 години затвор во овој случај.
Според пресудата, Мијалков како директор формирал злосторничко здружување и злоупотребувајќи ја службената положба и овластувањата, со години го вршел незаконското прислушување со помош на формираната група.
Ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој со Никола Бошковски од УБК избега во Грција на 18.10.2017 година, за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањатa од Основниот кривичен суд Скопје добија15 години затвор. Тие уште не се вратени во Македонија.
Ексначалничката Надица Николиќ за истите две дела е осудена на 3 години и таа денес е присутна да ги објасни наводите од нејзината жалба против оваа пресуда.
Создавачи на злосторничката група биле Мијалков, Грујевски и Николиќ, а организатор Мијалков, вели првостепената пресуда.
За давање параф да се уништи опремата со која се следеле комуникациите на стотиците телефони, за да се скријат доказите, најодговорна, според пресудата, била ексминистерката Јанкулоска.
Никола Бошковски, Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска во рок од 3 месеци по правосилноста на пресудата, треба ѝ да ја надоместат штетата на АНБ (поранешна УБК) за уништената опрема. Износот е околу 1,5 милион евра.
Пресудата ќе биде правосилна, кога Апелациониот суд ќе донесе одлука.
Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, кој денес беше спроведен од куќен притвор, осуден беше на 6 години.
Избеганиот Бошковски доби 15 години затвор.
Обвинетите Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Силвана Златкова добија условна казна од две години затвор, која нема да ја одлежат ако пет години по правосилноста на пресудата не направат ново кривично дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА