ОД ПТИЧЈИ ГРИП УГИНАЛЕ РЕЧИСИ 600 ПЕЛИКАНИ ВО ГРЧКИОТ ДЕЛ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    ОД ПТИЧЈИ ГРИП УГИНАЛЕ РЕЧИСИ 600 ПЕЛИКАНИ ВО ГРЧКИОТ ДЕЛ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРОМасовните угинувања почнале на 17 февруари (Фото: СПП)

    Близу 600 кадроглави пеликани (Pelecanus crispus) се пронајдени мртви на брегот на Преспанското Езеро во неговиот грчки дел. За ова алармираа од Македонското еколошко друштво (МЕД) по информациите кои ги добиле од нивни колеги од грчката страна, Здружение за заштита на Преспа (СПП).

    „Потврдено е дека причината за смртта е птичји грип Х5Н1. Информирани се сите наши релевантни институции, а вирусот е потврден и кај нас во одделен случај“, соопштија од МЕД.

    Масовните угинувања почнале на 17 февруари, кога биле регистрирани првите 11 смртни случаи, а потоа бројот секојдневно растел, за на 3 март да има вкупно 574 мртви птици. Освен пеликани, екологистите констатирале и смрт на лебеди и чапји.

    „Сите пеликани беа возрасни единки. Телата беа пронајдени на островите за гнездење или во водата во близина на колонијата“, кажаа од СПП.

    „Засега нема случаи на угинување пеликани на македонската страна во Преспа. Ренџерската служба секојдневно врши обиколка и на копно и на вода и досега нема забележано ниеден угинат пеликан. Воедно, немаме такви дојави ни од жители на Преспа. Но, ситуацијата ја следиме и обиколките ќе продолжат. Пеликаните се угинати на Малото Преспанско Езеро во Грција“, изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

    Малото Преспанско Езеро ја има најголемата гнездечка колонија на кадроглави пеликани и заедно со големото Преспанско Езеро претставува екосистем кој поддржува речиси 10% од светската популација на оваа глобално загрозена птица.

    Пеликаните пристигнале во Преспа од североисточна Грција и западна Турција. Розевите пеликани пристигнуваат во Преспа подоцна во март од нивните презимувачки региони во Супсахарска Африка.

    П. ПЕЧКОВ-Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира